Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур донесе пресуда против Македонија по тужбата на пет лица, на кои во 2014 година им било забрането да ја напуштат државата. Станува збор за лица од ромска етничка припадност и судот во Стразбур пресуди дека биле дискриминирани и им е прекршено правото на слобода на движење.
Според пресудата, објавена од судот, државата ќе треба да им исплати 17.115 евра за отштета и трошоци.
Случајот е во врска со случувањата во 2014 година, кога Министерството за внатрешни работи имаше воведено мерки за засилување на граничните контроли за да се спречат македонски државјани кои потенцијално би можеле да бараат азил во земјите на ЕУ.
Тогаш, петтемина Роми биле издвоени од граничните полицајци поради нивната етничка припадност и им забранет излез од државата.