Пилотот кој во неделата се обидел да ги исклучи моторите во авион на „Аљаска ерлајнс“ за време на лет ѝ рекол на полицијата дека имал нервен слом откако консумирал магични печурки два дена порано и не спиел 40 часа, стои во судските документи.
Четириесет и четиригодишниот Џозеф Дејвид Емерсон, кој е вработен во компанијата, не бил на должност кога се случил инцидентот, туку бил само патник на летот од Еверет (Вашингтон) до Сан Франциско. По кратка пресметка во кокпитот со капетанот и првиот офицер, Емерсон бил совладан од член на екипажот и уапсен во Портланд, каде што авионот бил пренасочен и безбедно слетал.
Тој доби 83 обвиненија за обид за убиство, по едно за секој човек во авионот и уште едно за загрозување авион, при што вчера се изјасни како невин во суд во Портланд.
Емерсон по апсењето рекол дека преживувал ментална криза за време на инцидентот и страдал од депресија во последните шест месеци. Тој исто така признал дека за првпат консумирал магични печурки, земајќи ги 48 часа пред летот