Турскиот национален авиопревозник Туркиш ерлајнс во средата вечер ненадејно откажа над 100 летови поради голем технички проблем на резервациониот систем. Тоа предизвика голем метеж на аеродромот во Истанбул, но погодени се и многу летови, насекаде низ светот.
Откажани се два редовни лета за Скопје, во средата навечер и четврток наутро.
Новинската агенција Анадолу околу полноќ објави дека сообраќајот полека се враќа во нормала. Иако ИТ инженерите релативно брзо го решиле проблемот, пореметувања во сообраќајот се очекуваат и во четврток, зошто на компанијата ќе ѝ треба време да ги распредели патниците од откажаните и задоцнетите летови и да ги распореди авионите што беа заробени на земја, не само во Истанбул, туку насекаде низ светот. Специјализираните авионски портали забележаа 137 откажани летов и над 200 задоцнувања од неколку часови.
Потпретседателот на компанијата задолжен за односи со медиумите Јахја Устун за агенцијата Анадолу изјави дека „не станува збор за сајбер напад“.
Компанијата веднаш соопшти дека на патниците чии планови за патување се пореметени целосно ќе им бидат вратени парите, или бесплатно ќе можат да ги заменат резервациите. Аеродромот во Истанбул овозможи бесплатен интернет за сите што ноќта помеѓу 1 и 2 ноември беа заглавени во редиците на шалтерите за промени на резервациите, или бараа хотелско сместување.
Туркиш ерлајнс, заедно со нејзината подружница, нискобуџетната компанија Анадолу има флота од 435 авиони и лета до 52 домашни и 262 меѓународни дестинации во 129 земји, речиси низ цел свет. За Скопје лета два пати дневно, наутро и навечер. Авионите на Анадолу го поврзуваат Скопје со туристичките дестинации Анталија и Бодрум.
Аеродромот во Истанбул дневно сервисира над 200.000 патници.