ЗА ТРИ ГОДИНИ ДВОЈНО ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА БОЛНИ ОД РАК НА ДОЈКА ВО ВЕЛЕШКО

    ЗА ТРИ ГОДИНИ ДВОЈНО ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА БОЛНИ ОД РАК НА ДОЈКА ВО ВЕЛЕШКООд едукативната трибина за рано откривање рак на дојка во Велес. (Фото: СДК.МК)

    Бројот на заболени од рак на дојката во Велешко порасна речиси двојно од 2020 година.

    „Во 2020 бројот на заболени жени во Велешко изнесува 369, во 2021 се 370, лани 424 додека за ова полугодие се 296 жени“, кажа прим. д-р Родна Јорданова од Здравствен дом Велес на предавањето во велешката библиотека, што беше проследено со жагор и реакции од присутните жени.

    Според податоците на Светската здравствена организација, на глобално ниво бројот на случаи на ракот на дојката го мина ракот на белите дробови во светот, како најчест форма на рак. Годишно во светот од овој карцином починуваат 400 илјади жени. Во Македонија секоја година се дијагностицира зголемување на случаите на рак на дојка кај возрасната група од 45 до 59 години.

    „Загрижува што од година во година смртноста расте. Во 2010 имало 310 починати, во 2022 биле 356 жени со карцином на дојка“, вели д-р Јорданова.

    Таа потсетува дека превенцијата е можна со редовни самопрегледи од страна на жената. Поразителни се податоците од анкета реализирана во компанија во Велес, каде доминантно вработени се жени, кои не се доволно запознаени што треба да сторат за превенција од ракот.

    „Со самото рано или редовно одење на лекар, можна е рана детекција, со тоа и смртност ќе биде помала. На овој начин се намалува за 30 отсто смртноста. Потребни се чести мамографски прегледи на две-три години, ехо прегледи. За жал, свеста е уште на ниско ниво. Почетната фаза на ракот на дојка може да се излекува ако навреме се открие кај 95 отсто од заболените“, вели д-р Јорданова.

    Но, иако здравствените власти апелираат дека секоја жена треба да оди на прегледи, со месеци нема слободни термини во здравствените институции. Ако пациентката се сомнева на рак, за да реагира брзо мора да закаже преглед во приватните болници.

    Организацијата на жени од Велес организира трибини, предавања со женската популација за подигање на свеста.

    „Организираме предавања, трибини, посета на руралните средини, за да допреме до жената ја подигнеме свеста за превентивни прегледи. Не е само ракот на дојката, тука е и ракот на матката“ , рече Мирјана Трајковска, претседателка на Организацијата на жени од Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира