Повеќе од 100 луѓе загинаа во земјотрес што погоди области во западен Непал. Силни тресења се почувствувале и во 500 километри оддалечениот Катманду и во градови во соседната Индија.
Според Националниот сеизмолошки центар на Непал, земјотресот имал јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала, додека странски агенции измериле јачина меѓу 5,6 и 6,2 степени.
Досега е потврдено дека има најмалку 128 мртви, со што ова е најсмртоносниот земјотрес во Непал од 2015, кога загинаа околу 9.000 луѓе, а над 22.000 беа повредени. Непалската војска соопшти дека има повеќе од 100 повредени и дека бројот на жртвите би можел да расте зашто не може да се стапи во контакт со планинската област близу епицентарот. Во тамошните зафрлени села живеат околу 190.000 луѓе.
Непал е сместен долж Хималаите, каде што има доста сеизмички активности. Минатиот месец беше регистриран земјотрес со јачина од 6,3 степени, во кој немало загинати.