Војната Израел-Хамас го одвраќа вниманието од војната во Украина, призна претседателот Володимир Зеленски, додавајќи дека тоа беше една од целите на Русија.
Тој истовремено негираше дека војната е во ќор-сокак, како што деновиве заклучи шефот на генералштабот на украинската војска Валери Залужни. Украина тргна во противофанзива пред неколку месеци, но таа даде малку резултати и не беше направен значаен пробив, што ги зголеми стравувањата дека би можел да се појави замор кај западните сојузници.
„Јасно е дека војната на Блиски Исток го одвраќа фокусот од Украина. Русија сака тоа внимание да биде ослабнато, но сѐ е во наша моќ“, кажа Зеленски.
Запрашан да ги коментира проценките на шефот на украинската војска дека војната влезе во позициона, статична фаза, Зеленски одговори:
„Сите стануваат уморни и нема други опции, но јас не би го нарекол тоа ќор-сокак“.
Тој призна дека Русија го контролира небото и затоа смета дека на Украина итно ѝ требаат авиони „Ф-16“ и напредни противвоздушни системи. Исто така негираше дека Украина се наоѓа под голем притисок на сојузниците да размислува за преговори со Русија.