Тетово деновиве повторно имаше проблем со недостаток од вода за пиење во некои делови. Од ЈКП „Тетово“ велат дека причината лежи во обилните дождови во Тетовскиот Регион кои ја заматија водата во Пена, поради што доаѓа до автоматско исклучување на филтер станицата која ја пречистува водата од овој водоснабдителен ресурс.
„За нормално водоснабдување на градот потребни се 310-320 литри вода во секунда, но сега дотокот е околу 220 литри, кои ги добиваме само од изворите од Шар Планина и од бунарите во градот. Поради хидрометеоролошката состојба и обилните дождови кои паднаа деновиве, дојде до заматување во делот на водоснабдителниот систем од месноста Лешница, па во пречистителната станица се случи автоматско исклучување на овој извор на водоснабдување. Ако горната граница на заматување на водата е 2, по обилните дождови достигна 14, поради што автоматски е запрен дотокот на вода низ овој систем со цел да се заштити здравјето на населението. Поради ова, градот остана без околу 120 литри вода во секунда и се јави недостаток на вода за пиење во одделни реони на градот кои добиваат вода од овој систем. Најпогодени се повисоките станбени згради и оние кои немаат инсталирано хидрофори“, изјави Љуљзим Шаќири, раководител во ЈКП „Тетово“.
Вработените на ЈКП „Тетово“ сега работат на прочистување на цевководот од наталожената кал. Овој процес ќе трае од 8 до 12 часа бидејќи цевководот е долг околу 22 километри, по што се очекува нормализирање на состојбата со водоснабдувањето. Бидејќи се очекува оваа работа брзо да биде завршена, од ЈКП не најавуваат рестрикции во градот.
Според Шаќири, голем удел во ваквата состојба со заматување на водата имаат и временските услови, некарактеристични за овој период од годината.
„Ова е нешто ново што ни се случува оваа година. Веќе е ноември и наместо горе на планината да има ниски температури и снег, имаме обилни дождови кои минатите години ги имавме во октомври“, вели Шаќири.
Тетово со вода се снабдува преку три системи: Шарските извори, водоснабдителниот систем „Лешница“, кој од мај до септември не се користи и неколкуте бунари кои се активираат во кризни ситуации, но кои се со помал капацитет. За нормално снабдување на градот потребни со околу 320 литри вода во секунда.
З. АНДОНОВ