По препорака на ГРЕКО од ЕУ, Советот на јавни обвинители денеска ја тргнал цензурата од Кодексот за јавните обвинители, која забрануваше обвинител јавно да коментира без прашање и дозвола од Јавниот обвинител на Македонија.
Со измените, се трга забраната за коментирање на одлуки на хиерархиски надредените обвинители, се додава опис дека обвинителот при давање на изјавите, треба да внимава да не му наштети на угледот на Јавното обвинителство, обврска која и претходно била во Кодексот.
Цензурата беше воведена во јули 2021 година, веднаш откако обвинителката Ленче Ристоска јавно кажа оти членовите на Советот на јавни обвинители гласа за унапредување на однапред договорени имиња меѓу обвинителите.
Таа критикуваше што членовите воопшто не образложуваа зошто за некого го дале гласот, а зошто за други не. Сакаше да слушне кои се нејзините маани што не беше унапредена во виш јавен обвинител, но и предностите на колегите кои Советот ги унапреди без образложение.
- ЛЕНЧЕ РИСТОСКА КОЈА ГО СТАВИ В ЗАТВОР МИЈАЛКОВ Е ДОБРА, НО ПРЕМЛАДА ЗА ВИШО ОБВИНИТЕЛСТВО, ВЕЛАТ ВО СОВЕТОТ ЗА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ
- СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ЗАБРАНИ ДА СЕ ЗБОРУВА ПРОТИВ НЕГО ВЕДНАШ ОТКАКО СЕ ПОБУНИ ОБВИНИТЕЛКАТА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА
Советот на јавни обвинители во своја „одбрана“ кажа дека Ристоска е добар обвинител, но млада за да биде избрана за во Вишото јавно обвинителство Скопје. Тоа го кажаа за истата седница на која исто така младите колеги од СЈО беа избрани за виши јавни обвинители.
С. К. ДЕЛЕВСКА