ЛЕНЧЕ РИСТОСКА КОЈА ГО СТАВИ В ЗАТВОР МИЈАЛКОВ Е ДОБРА, НО ПРЕМЛАДА ЗА ВИШО ОБВИНИТЕЛСТВО, ВЕЛАТ ВО СОВЕТОТ ЗА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ

    ЛЕНЧЕ РИСТОСКА КОЈА ГО СТАВИ В ЗАТВОР МИЈАЛКОВ Е ДОБРА, НО ПРЕМЛАДА ЗА ВИШО ОБВИНИТЕЛСТВО, ВЕЛАТ ВО СОВЕТОТ ЗА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИРистоска заедно со колегите Артан Ајро и Трајче Пеливанов го заврши сложениот предмет за масовното нелегално прсилушување. (Фото: СДК.МК)

    Ленче Ристоска е добар обвинител, но млада за во Вишото јавно обвинителство и возраста е таа која вчера не само неа, туку и на другите млади обвинители со добри достигнувања им се испречи на патот за унапредување, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК членови на Советот на јавни обвинители.

    Единственото име од отпаднатите десетици кандидати за Вишото скопско обвинителство за кое се дигна галама, беше Ленче Ристоска. Таа, заедно со колегите Артан Ајро и Трајче Пеливанов, заврши сложена истрага за основниот предмет на Специјалното обвинителство именувано „Тврдина-Таргет“, го докажа обвинението дека масовно, без судски налог, со години се прислушувале граѓани, и главниот обвинет Сашо Мијалков го стави во затвор со првостепена казна од 12 години.

    Во Советот велат дека иако е недозволиво да му се кажува на обвинител каде да конкурира и во краен случај е забрането, сепак, секој член посакува докажаните млади обвинители да ги види првин во Обвинителството за гонење  организиран криминал и корупција, каде што е работата и најтешка. Соговорниците забележуваат што Ристоска таму не конкурирала.

    Ристоска иако останува во Скопското јавно обвинителство, сепак ќе треба да ги доврши „Талир“ и „Талир 1“ за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со перење на милионски суми пари.

    На вчерашната седница на Советот по рамковна застапеност сепак во Вишото избра два помлади обвинитела, Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми, кои и без тоа имаа најдобри оценки. И за нив претседателот Ацо Колевски прочита максимални 25 поени и со нивниот избор по национален клуч никого не оштетија, бидејќи беа со најдобри квалификации меѓу конкурентите.

    Во Вишото обвинителство влегоа и долгогодишните обвинители Сашо Рајчев – Јавниот обвинител на Скопје, колешката Снежана Бундалевска – Георгиеска и Наум Паноски, кој ја води истрагата за бегството на Груевски од 2018 година.

    За обвинители во Обвинителството за организиран криминал беа избрани Пеливанов и Ајро од „Тврдина-таргет“ и од „Трезор“, Лиле Стефанова што го води случајот „Империја“ за фирмите на Орце Камчев, Катерина Коларевиќ од ОЈО Скопје и Наташа Поптрајкова од ОЈО Струмица.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира