Повеќе од 30 уметнички дела од доајените на современата македонска уметност собирани со години од Музејот во Штип се изложени во Уметничката галерија „Безистен“ во Штип, во чест на 8 Ноември, Денот на ослободувањето на градот.
„Музејот во Штип со години собирал и чувал оригинални уметнички слики од основоположниците на современата македонска ликовна уметност почнувајќи од 20. век па до денес како што се : Димитар Пандилов, Никола Мартиновски, Лазар Личеноски, Борислав Трајковски, Љубомир Белогаски, Глигор Чемерски, од Вангел Коџоман, Петар Мазев. Некои од уметничките дела на овие врвни македонски уметници се стари и по еден век, но Музејот во Штип долги години грижливо ги чувал, а за оваа изложба направи напор да ги обнови сликите со нови рамки и да ги презентира на јавноста“. рече на отворањето на изложбата, директорот на Завод и Музеј Штип, Митко Штерјов.
Деканот на Ликовната академија при Универзитетот„ Гоце Делчев“ во Штип, Петар Наничев смета дека изложбата е добра прилика да се направи еден уметнички пресек на целиот 20. век во светската уметност , овој пат преку доајените на нашата ликовна уметност.
„Штипскиот музеј располага со значаен дел од богатото културно наследство на Македонија. Нашето уметничко творештво треба да се негува за да можат младите кадри да ги согледаат вредностите на модерната ликовна уметност. Затоа, во наредниот период, сѐ додека трае изложбата, студентите од Ликовната академија во Штип ќе имаат ликовни колониии во ‘Безистен’ инспирирани од оригиналните дела на овие македонски врвни ликовни уметници“, најави Намичев.
Т. ЈОВАНОВСКИ