Вакцината против Хуман папилома вирус (ХПВ) во Македонија веќе од мај може да се прима и до 19 години, рече денеска националната координаторка за имунизација проф.д-р Александра Грозданова на брифинг со новинарите, организиран од Фондацијата Метаморфозис.
Проф. д-р Грозданова и проф. д-р Горан Димитров, претседател на Здружението за цервикална патологија и колпоскопија и на Македонското лекарско друштво, заедно со претставничката на УНИЦЕФ за Македонија, Патриција ди Џовани денеска говореа за нискиот опфат со оваа вакцина, како и за тоа како ХПВ, инфективно заболување кое доведува до развој на рак на матка.
Според редовниот Календар за имунизација, оваа вакцина девојчињата може да ја примат на 12 години (две дози), на 15 години (3 дози) и на 19 години.
„Во таа насока дадовме препорака да го прошириме временскиот период на примање на вакцината. Сите девојки коишто навршуваат 19 години до крајот на календарската година може да ја примат бесплатно оваа вакцина во здравствените домови, на вакциналните пунктови, со цел да им излеземе во пресрет на родителите коишто најчесто коментираат дека оваа вакцина прерано се прима на 12 или 15 години. Покажуваме флексибилност да може се прими до 19 години. Комисијата ја донесе оваа одлука и во мај стапи на сила. Кое било девојче да се обрати во здравствените домови ќе биде вакцинирано. Скоро во сите западноевропски земји се вакцинираат двата пола. Очекувам од идната година и кај нас ќе може момчињата да се вакцинираат. Засега, според законските регулативи, во Македонија е дозволено само девојчиња да се вакцинираат против ХПВ. И кај момчињата до 19 години. Очекуваме следната година ќе може да говориме и за деветвалентната вакцина и за пошироко масовно вакцинирање и кај момчиња и кај девојчиња“, кажа д-р Грозданова.
Според извештајот од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), вкупниот опфат со две дози вакцина против заболувања од ХПВ во земјата изнесува 52, 5 отсто. Покриеност од 100 отсто има само во шест општини: Демир Хисар, Свети Николе, Кочани, Делчево, Кратово и Валандово.
Над 95 отсто опфат има и во: Кочани, Пехчево, Куманово, Крива Паланка, Виница, Прилеп, Македонски Брод и во Велес. Опфат понизок од вкупниот опфат во земјата се регистрира во: Битола, Охрид, Скопје, Струмица и во Гостивар.
„Оваа вакцина се соочува со многу митови и стереотипи кои се апсолутно никако научно издржани. Една од нив е дека влијае на репродуктивната способност на жените. Напротив, намалувањето на репродуктивната способност се гледа токму кај оние парови , кај кои подолго време била присутна ХПВ инфекцијта.
ХПВ вакцина не ниту нова, постои повеќе од 20 години е. Во 156 земји е внесена оваа вакцина во редовниот календар за имунизација. Високоразвиените земји како Австралија, Велика Британија, Скандинавија, веќе одат со тенденција со зголемување на опфатот и вакцинирање на генерации, зборуваме за висок процент, да дојдат до ерадикација на карциномот на грлото на матката. Да дојдеме да зборуваме за болест која може да биде комплетно превентабилна. Зборуваме за инфективно заболување, но тоа доведува до развој на рак. Тоа треба јасно да се објасни на родителите кога ја носат одлуката. Не би требало ниеден родител да се соочи со прашањето од детето: Зошто не ме вакцинираше за да ме заштитиш од оваа болест, кога имаме ефикасна, бесплатна и исклучително безбедна вакцина“, потенцираше таа, а д-р Димитров се надоврза: „Родителите се плашат од тоа што не го знаат“.
Говорејќи за ниската стапка со вакцинација, проф. д-р Грозданова рече дека далеку од тоа дека како здравствени експерти се задоволни, но и дека Македонија е една од земјите во регионот со многу подобар опфат, што се должи на тоа дека први ја воведовме вакцинацијата за ХПВ, во 2008 година.
„Нас нѐ загрижуваат бројките дека немаме рамномерно опфат во нашата земја, не само за оваа, туку и за другите вакцини.
Здравствените авторитети во малите места многу полесно и подостапно комуницираат со своите пациенти. И сѐ уште постои оној здравствен авторитет кој лекарот го има и навистина треба да го има. Лекарот е многу полесно достапен во малите места, имајќи во предвид дека во Скопје повеќе од половина Македонија демографски веќе се има преселено и тој опфат во Скопје никогаш не може да биде со висок процент како што може да биде во малите места“, додаде таа.
Проф. д-р Димитров, кој е онкогинеколог рече дека последните три случаи кои ги имал, се жени на кои никогаш не им бил земен ПАП или ХПВ тест.
„Ние се залагаме ХПВ тестот да биде примарен во скринингот, бидејќи е посензитивен. Се бориме да се намали процентот на заболени од рак, а тоа директно зависи од покриеноста, колку имаме подобра покриеност на вакцинацијата, толку повеќе ќе се намали бројот на заболени од канцер. Имаме таканаречен создавање на имунитет на стадо. Ако почнат да се вакцинираат и момчињата, ако имаме девојка која не е заразена, а е во сексуален однос со момче кое е вакцинирано, нема ширење на болеста и така се создава имунитет на стадо. Меѓутоа, процентот треба да расте, а добар процент е оној над 80-90 отсто“, рече проф. д-р Димитров.
Б. НЕСТОРОСКА