Судијката Јованка Спировска-Панева од Граѓанскиот суд Скопје, во образложението на пресудата против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) по тужба за клевета и навреда за медиумот кажа дека не бил медиум, а за новинарите на оваа редакција, дека не биле новинари.
Во услови кога според последното истражување на ИРИ, 40 отсто од граѓаните во Македонија се изјасниле дека се информираат од онлајн медиуми, Основниот граѓански суд кој треба да го заштити и зацврсти правото на слободно информирање, ги негира онлајн-медиумите и новинарите кои работат во нив.
Повика и на затворање на редакцијата, со тоа што упатува „Министерството за правда како надлежен орган да оди во инспекција во ИРЛ“, но со тоа што препорачува да „не смее јавно да ги објавува своите истражувања, туку да ги презентира само пред вработените”.
„Ова е скандалозното образложение од судијката во случајот Кочо Анѓушев против ИРЛ. Судијката Јованка Спировска-Панева цени и дека морала да го заштити приватниот интерес, во случајов на тужителот Кочо Анѓушев, а не колективниот и не слободата на говор. Сме виделе разни пресуди во минатотото и во сегашноста против критичните гласови во медиуми, но ниту една пресуда која упатува на затворање на медиум “, реагира денеска редакцијата и уредничката Сашка Цветковска.
Во врска со пресудата, се огласи и претседателот Стево Пендаровски, кој вели дека етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање на новинари и медиуми имаше и во минатото и сведоци сме дека таквите процеси не доведоа до демократски развој. Исто така, тој вели дека Граѓаните имаат право да очекуваат судиите кога пресудуваат да ја почитуваат слободата на изразување, правото на граѓаните да бидат информирани за теми од јавен интерес и да му дадат приоритет на јавниот интерес наспроти поединечниот интерес особено кога се работи за прашања кои го засегаат големото мнозинство од општеството.
Не е првпат судии од овој суд да не признаваат новинари кои се тужени или кои барале правда таму. И за новинарот Горан Трпеноски од САКАМДАКАЖАМ.МК, кој ја тужеше државата за нарушување на уставно загарантираното право на информирање на 27 април 2017 година, Граѓанскиот суд во образложението на пресудата оцени дека тој не бил новинар, а САКАМДАКАЖАМ.МК не е медиум.
С. К. ДЕЛЕВСКА