Најголемата болница во Газа престана да работи и се зголемува бројот на починати меѓу пациентите, кажа Светската здравствена организација, додека продолжува жестокиот израелски напад на палелестинската енклава. Болниците во северниот дел на Газа, вклучувајќи го комплексот „Ал-Шифа, се блокирани од израелските сили, при што три новороденчиња починале, а голем број пациенти се загрозени поради немањето струја и силните борби, кажаа лекарите.
Израел тврди дека милитантите на Хамас се кријат во тунелите под болниците, каде што се наоѓаат и заповедни центри на групата, која управува со Газа.
„Ситуацијата е страшна и опасна. Значително порасна бројот на починати меѓу пациентите. ‘Ал-Шифа‘ веќе не функционира како болница“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.
Премиерот Нетанјаху изјави дека Израел понудил да достави гориво во болницата „Ал-Шифа“, но Хамас одбил да го прими.
„Понудивме да дадеме доволно гориво за функционирањето на болницата, затоа што ние не се бориме против цивилите и пациентите, но бевме одбиени. Израелската војска исто така беше подготвена да ги евакуира бебињата од болницата. Хамас се крие во болниците и не сака гориво за нив, туку му треба за неговата воена машина во тунелите“, кажа Нетанјаху.
Марван Абу Сада, кој работи како лекар во „Ал-Шифа“, изјави дека она што го понудил Израел би обезбедило струја за само половина час.
„Нам ни требаат 24.000 литри гориво на ден за да можат да работат сите три генератори“, изјави Абу Сада.
Министерството за здравство на Газа кажа дека во болницата и натаму има околу 2.300 луѓе, од кои околу 650 се пациенти.