„ЖИВОТНО“ НА СОФИЈА ЕГЗАРХУ Е ПРВИОТ ГРЧКИ ФИЛМ ШТО ПОБЕДИ НА СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛ ЗА 30 ГОДИНИ

    „ЖИВОТНО“ НА СОФИЈА ЕГЗАРХУ Е ПРВИОТ ГРЧКИ ФИЛМ ШТО ПОБЕДИ НА СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛ ЗА 30 ГОДИНИГодинава за првпат наградите не се доделија на свеченото затворање на фестивалот, туку на посебна понеформална церемонија во фестивалскиот центар во пристаништето во Солун. (Фото: ТИФФ)

    „Животно“ на Софија Егзарху е првиот грчки филм за 30 години што го освојува Златниот Александар, највисоката награда на Солунскиот филмски фестивал. Последен пат оваа награда ја доби „За снегот“ на Сотирис Горицас во 1993.

    Вториот филм на Егзарху е за страдања на девојка која работи со група аниматорки на туристи во ол-инклузив резорт на грчки остров. Жирито, во кое беа продуцентката Дијана Елбаум, ексдиректорот на Берлинале Дитер Кослик и режисерката и продуцентка Елина Псику, кажа дека е „импресионирано од филмот за животот зад сцената на грчки остров во лето и невидените уметници кои ги анимираат туристите. Овој хорски филм е кондензација на наоѓање семејство, можеби љубов, и сигурно тага“. Наградата носи и 10.000 евра.

    На доделувањето на наградите Елбаум нагласи колку е важна работата на режисерките и рече: „Сакаме да предложиме фестивалот да го преименува Златниот Александар во Златна Александра“ поради фактот дека авторли ги добија двете главни награди, откако за најдобра режија освои американската комедија „Чувството дека помина времето да се прави нешто“ на Џоана Арноу. Жирито кажа дека „го цени хуморот и апсурдноста на оваа горчливо-слатка комедија за жената, нејзиното тело и сексуалност“.

    Арноу ја игра и главната улога во филмот и ја подели актерската анаграда заедно со ѕвездата на „Животно“ Димитра Влакопулу.
    Кострас Коронеос ја освои наградата за главна машка улога за „Последниот таксист“ на грчкиот автор Стергиос Пасхос.

    За најдобро сценарио освои „Изгубени момчиња“ на белгискиот автор Зено Гратон, нежна љубовна приказна за двајца малолетни делинквенти во казнено-поправен дом.

    Годинава за првпат наградите не се доделија на свеченото затворање на фестивалот, туку на посебна понеформална церемонија што се одржа во фестивалскиот центар во пристаништето во Солун. Ова 64. издание на фестивалот го одбележаа и гостувањата на двојниот оскаровец Александер Пејн, кој го претстави новиот филм „Останатите“, и на италијанската ѕвезда Моника Белучи која доби почесен Златен Александар, а го претстави и документарецот за нејзината театарска претстава „Марија Калас: Писма и мемоари“, посветени на легендарната грчка оперска дива.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира