Европската Унија нема да успее да ја исполни целта за испраќање еден милион гранати во Украина, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус. Членките на Унијата денеска ќе се сретнат во Брисел за да разговараат за зголемувањето на испораките.
„Мора да се признае дека оваа цел нема да биде постигната во предвидениот рок“, кажа Писториус.
Еврокомесарот за надворешна политика Хосеп Борел кажа дека тука влегуваат постоечките залихи и новото производство, но еден од проблемите е што 40% од производството се извезува надвор од ЕУ.
Германија објави дека масовно ќе ја прошири својата помош за Украина следната година.
„Не само што ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина, туку тоа ќе биде и зголемено и проширено, особено од страна на Германија. Ова не се однесува само на зимската одбрана во претстојните недели и месеци, туку и за целата следна година“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
Европската Унија во март годинава објави дека постигнала договор за испраќање еден милион гранати во Украина во рок од 12 месеци. Борел тогаш го опиша договорот како историска одлука, бидејќи членките на ЕУ за првпат се здружија да купат оружје за земја која е во војна.