Кабинетот на Володимир Зеленски првпат објави дека украинските сили го преминале Днепар во областа Херсон и имаат воспоставено позиции на источниот брег на реката, што би можело да отвори нова линија на напади кон Крим.
Руските трупи се повлекоа од градот Херсон и западниот брег пред една година пред налетот на брзата украинска противофанзива и формираа позиции на другата страна на реката, од каде што редовно гранатираат градови и села во регионот Херсон.
„Наспроти сите шанси, украинските сили се зацврстија на источниот брег на Днепар“, изјави шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, што следува по неколку недели контрадикторни извештаи.
„Чекор по чекор, го демилитаризираме Крим. Покривме 70% од растојанието и нашата противофанзива се развива“, додаде тој.
Портпаролот на украинската војска неодамна кажа дека противофанзивата донела добри резултати на источниот брег на Днепар, при што руските сили биле натерани да преминат на нови позиции. И проруски канали на Телеграм го имаат потврдено напредувањето на Украинците на овој дел од фронтот.
Две руски државни новински агенции во понеделникот објавија дека руските трупи се повлекле на подобри позиции источно од Днепар, за потоа оваа вест да биде повлечена.