Не е најдена бактеријата салмонела во кујните на четирите основни школи во Карпош, ниту во централниот магацин на операторот со храна „Ванила фуд” кој се наоѓа во ОУ „Димо Хаџи Димов”, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) исто така соопшти дека се негативни резултатите од вонредниот инспекциски надзор во школите.
Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) минатата недела објави дека 12 ученици се заразија од салмонела, од основните училишта „Владо Тасевски“, „Јан Амос Коменски“, „Војдан Чернодрински“ и од „Димо Хаџи Димов“ .
За време на надзорот, беа земени мостри храна за анализа и беа земени брисеви од работни површини и брисеви од жива и нежива средина. Од Инспекторатот сите кујни во основните училишта беа затворени.
Директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска денеска кажа дека вчера стигнале резултатите од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) Скопје и од Центарот за јавно здравје Скопје, бидејќи мострите од храна и брисевите од работните површини биле земени двојно и однесени во лабораториите на двете здравствени установи. Денеска, Инспекторатот, согласно на своите надлежности, ќе ги отвори кујните во училиштата.
Во соопштението од Агенцијата за храна, стои дека лабораториските резултати од испитаната храна која е земена од централниот магацин на операторот со храна „Ванила фуд“ кој се наоѓа во ОУ „Димо Хаџи Димов“ се со уреден наод, исто како и мострите од четирите куни во основните училишта каде се приготвува храна. Тие се во согласност со Правилникот за посебни барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната, односно, кај нив не е утврдено присуство на бактеријата салмонела.
„Во две од училишните кујни со кои стопанисува овој оператор со храна земени се мостри само од работните површини за кои резултатите сѐ уште не се добиени, бидејќи при надзорот, не е затекната подготвена храна. Најдени се само производи и суровини за подготовка на храна доставени од централниот магацин, од каде претходно веќе биле земени мостри, за кои лабораториските наоди потврдија отсуство на салмонела, односно, истите се во согласност со Правилникот за посебни барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната“, вели АХВ.
Училиштата ги известија родителите на учениците дека храна и ужинка во школите ќе има од петок, 17 ноември.
Б. НЕСТОРОСКА