Црногорскиот актер Жарко Лаушевиќ почина денес на 63 години, по кратко и тешко боледување, соопшти неговото семејство.
Лаушевиќ е роден на 19 јануари 1960 година во Цетиње. Дипломирал глума на Факултетот за драмски уметности во Белград, а бил член на Југословенскиот драмски театар. Филмското деби го имаше во 1982, со улога во „Прогон“.
Легендарниот црногорски актер и писател е познат по филмовите како „Хасанагиница“, „Игмански марш“, „Лазар“, „Јагоди во грло“, „Доброволци“, „Убавината на порокот“, „Шмекер“ „Сив дом“, „Офицер со роза“, „Лето“, „Црн бомбардер“, „Кажи зошто ме остави“. Во своето богато уметничко творештво има голем број филмови и театарски претстави и неколку книги.
Неговата богата кариера беше прекината во 1993, кога беше осуден за двојно убиство во Црна Гора, по трагедијата кога тој и неговиот брат беа нападнати од група насилници и Жарко, бранејќи се себе и брата си, пукал во двајца од толпата, а трет беше тешко ранет. Беше осуден на 15 години затвор, а кога тогашниот Сојузен суд ја укина пресудата, Лаушевиќ повторно беше изведен на суд во февруари 1998 и осуден на 4 години затвор. Бидејќи уште пред да му биде изречена пресудата, одлежа четири и пол години, беше пуштен на слобода и замина за САД. Следеа нови обвинувања и казни, но во 2011 година беше помилуван од тогашниот српски претседател Борис Тадиќ, а првпат дојде во Србија во 2014.
„За датумот и местото на погребот јавноста ќе биде навремено информирана“, изјавија од семејството.
Во 2017, Лаушевиќ беше гостин на второто издание на филмскиот фестивал Киненова во Скопје, кој на отворањето му ја врачи специјалната награда за придонес во филмската уметност.
„Кога би зборувал за најдрагите сеќавања за Македонија, за Владимир Милчин и за Слободан Унковски, тоа, ќе зафати едно цело поглавје во книга“, рече тогаш за САКАМДАКАЖАМ.МК Лаушевиќ.
Тој откри дека за Македонија го врзува и неговата втора сопруга Анита, а со новинарите сподели интересен податок, дека ноќта кога бил уапсен, со себе го имал сценариото за најнаградуваниот македонски филм „Пред дождот“ на Милчо Манчевски.