Пијалоците на компанијата „Прајм Хидратејшн“, кои се доста популарни меѓу децата, содржат витамини, минерали и засладувачи, и ако пијат 500 милилитри дневно од овој производ, децата на возраст до 14 години ќе се соочат со зголемен внес на витамини и минерали несоодветен за нивната возраст, вели Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Сокот „Прајм“ има и кофеинска верзија, која е веќе забранета во Словенија и Хрватска. Безкофеинската верзија во македонските маркети се продава од 300 до 400 денари.
Од ИЈЗ велат дека производот на „Прајм хидратејшн“ е безалкохолен пијалок со додадени витамини, минерали и аминокиселини, кој може да се најде на пазарот во Македонија. Не содржи кофеин, не содржи шеќери, значи не е енергетски пијалок, но затоа содржи засладувачи.
„Во декларацијата на производот е наведено да се консумира 500 мл дневно. Содржината на витамините и минералите одговара на препорачаниот дневен внес на витамини и минерали за возрасен човек. Но, овој производ е многу популарен и широко употребуван од страна на децата. Ако децата, на возраст од 1 до14 години, консумираат 500 мл дневно од овој производ, ќе се соочат со зголемен внес на витамини и минерали несоодветен за нивната возраст, само со овој пијалок. Секако дека во текот на денот ќе ги внесуваат истите витамини и преку други прехранбени продукти. За децата на возраст од 7 до 14 години дневниот внес на витамини и минерали е два пати повисок преку овој пијалок, а ова особено се однесува на липосолубилнните витамини, како што се витамин А и витамин Е“, стои во извештајот.
Затоа, ИЈЗ потенцира дека пиење „Прајм“ кај децата треба да биде ограничена и контролирана од родителите, да не се дозволи пиење 500 мл дневно.
„Како и секогаш нашата препорака е децата да консумираат вода и природни сокови. Напомена за возрасните лица дека не треба да консумираат повеќе од 500мл дневно“, вели ИЈЗ.
Управата за безбедност на храната во Словенија го забрани „прајм енерџи“ бидејќи содржи Л-теанин, кој не е дозволен во безалкохолните пијалоци во ЕУ, а веднаш потоа и Хрватска го забрани.
Под брендот „Прајм“ се продаваат серија спортски и енергетски пијалоци, а е рекламиран од јутјубери и интернет инфлуенсери како Логан Пол и Кеј-Ес-Ај, кои имаат десетици милиони следбеници на социјалните мрежи.
„Ние сме првенствено компанија фокусирана на социјалните мрежи. Добра работа врзана за нив се податоците, а тие велат дека 90 отсто од мојата публика е над 18 години. Консумацијата на кофеин не е препорачана ниту за децата ниту за кој било под 18 години. Тоа е стандард во индустријата, а не нешто што е врзано со ‘прајм’. Луѓето треба да бидат паметни околу тоа што внесуваат во своите тела“, изјави 28-годишниот Пол за „Еј-Би-Си њуз“.
Б. НЕСТОРОСКА