Американското Министерство за финансии денеска стави неколку нови лица од Западен Балкан на црна листа поради корупција, од кои три се од Македонија, и тоа рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина, како и Ратка Камчева, мајката на бизнисменот Орце Камчев, кој беше ставен на оваа листа на 19 јули годинава.
Во соопштението на американското Министерство за финансии се вели дека Самсоненко има двојно државјанство, на Русија и Македонија. Тој, сопругата и Камчева се означени од САД поради тоа што материјално му помагале, го спонзорирале или му обезбедувале финансиска, материјална или технолошка поддршка на Орце Камчев.
Купопродажбите на земјиште и фирми, како и финансиските трансакции меѓу брачната двојка Самсоненко и Орце Камчев споменати во соопштението на американското Министерство за финансии беа опфатени со случајот „Плацеви на Водно“.
На црна листа се ставени и фирмите: „Систина Лајф Кеар“, која е во сопственост на Ирина Самсоненко; „Бет Сити“, која е во сопственост на Сергеј Самсоненко и Орце Камчев; „Орка Холдинг“, која е контролирана од Орце Камчев; „Орка Фајнанс“ и „Камчев Консалтинг“, кои се во сопственост на Ратка Камчева.
На црната листа од Црна Гора е ставен и Миодраг „Дака“ Давидовиќ, затоа што „со децении перел пари за криминални синдикати, зајакнувајќи го своето влијание и вршејќи го својот криминален бизнис на шверц со цигари, нафта и оружје во Црна Гора. Неговите коруптивни активности ги овозможија напорите на Русија да ја компромитира независноста на демократските институции и судството во земјата, вклучително и нејзините напори да влијае на изборните резултати“. Тој беше вмешан и во скандалот што доведе до апсење на генералниот секретар на Владата на Македонија, Драги Рашковски кој наводно примил поткуп од Давидовиќ за да има средба со премиерот Зоран Заев за да ги унапреди бизнис интересите на Давидовиќ. Од 1991 до 1992 година, Давидовиќ беше министер за трговија во владата на самопрогласениот Српски автономен регион на БиХ.
Американското Министерство за финансии вели дека Давидовиќ е означен за како злоупотреба на јавни средства, експропријација на приватни средства за лична корист или политички цели или поткуп. Дополнително, Давидовиќ е означен како одговорен или соучесник или директно или индиректно вклучен во акции или политики кои го загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западен Балкан.
На црната листа на САД, поради корупција, се уште Сашо Мијалков, Никола Груевски и Рамиз Мерко.
Како резултат на означувањето, целиот имот и интереси на овие лица во САД или во сопственост или контрола на лица од САД се блокирани. Забранети се сите трансакции на лица од САД со овие лица или нивни имот и интереси.