Израелската војска кажа дека пронашла тунел под болницата „Ал-Шифа“ во Газа, што бил користен од милитантите на Хамас. Таа објави видео од влез во тунелот, сместен во надворешен простор на најголемата болница во Газа. Видеото прикажува длабока дупка во земјата, окружена со бетон, песок и дрвени отпадоци.
Армијата додаде дека во болницата пронашла и возило полно со оружје. И САД кажаа дека нивните разузнавачки податоци ги потврдуваат информациите за активностите на Хамас во „Ал-Шифа“.
Директорот на болницата Мухамад Абу Салмија изјави дека таа останала без кислород и вода и дека пациентите врескаат од жед.
„Условите во болницата се трагични. Војската ја разнесе главната линија за снабдување со вода и упадна во сите одделенија на болницата. Никој не може да се движи од една во друга зграда, ја изгубивме комуникацијата со колегите“, кажа Абу Салмија.
Се проценува дека во болницата се останатите 650 пациенти, 500 вработени и 5.000 раселени цивили.
Војската кажа дека во болницата ги пронашла телата на две жени кои биле земени како заложници од Хамас на 7 октомври.
Израелските одбранбени сили соопштија дека продолжуваат со сложената операција против Хамас во болницата „Ал-Шифа“, каде што се проверува секој спрат.
„Во болницата има добро скриена инфраструктура на Хамас“, тврди ИДФ.