ФИНСКА НА ПОЛНОЌ ЌЕ ЗАТВОРИ ЧЕТИРИ ГРАНИЧНИ ПРЕМИНИ СО РУСИЈА, КОЈА ЈА ОБВИНИ ДЕКА Ѝ ПРАЌА МИГРАНТИ

    ФИНСКА НА ПОЛНОЌ ЌЕ ЗАТВОРИ ЧЕТИРИ ГРАНИЧНИ ПРЕМИНИ СО РУСИЈА, КОЈА ЈА ОБВИНИ ДЕКА Ѝ ПРАЌА МИГРАНТИФинските власти веруваат дека Русија ги охрабрува мигрантите да одат кон Финска, каде што можат да побараат азил (Фото: Дојче веле)

    Финска на полноќ ќе постави бариери на четирите гранични премини со Русија што најави дека ќе ги затвори, објавија финските гранични власти. Финската влада одлучи целосно да затвори четири од деветте премини со Русија за да го спречи влегувањето на баратели на азил преку источната граница.

    „Нашата цел е со овие бариери да спречиме влегувања. Овие мерки се одговор на промените во руската гранична политика“, изјави шефот за меѓународни работи во финската гранична служба Мати Питканити.

    Околу 200 баратели на азил пристигнале во Финска оваа недела, по што финските лидери ја обвинија Русија дека ги насочува мигрантите кон границата, што беше негирано од Москва.

    Двете земји делат граница долга над 1.300 километри и четирите премини што ги затвори Финска важат за најпрометните.

    По почетокот на руската инвазија на Украина, Финска се откажа од политиката на неутралност и стана членка на НАТО, на што Русија кажа дека ќе одговори со неодредени контрамерки. Оттогаш, финските гранични служби забележале зголемен број доаѓања на луѓе без документи, главно од Африка и Блиски Исток. Финските власти веруваат дека Русија ги охрабрува мигрантите да одат кон Финска, каде што можат да побараат азил.

    „Јасно е дека на овие луѓе им се помага да стигнат до границата. Тоа личи на свесна одлука“, изјави неделава финскиот премиер Петери Орпо.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира