ЗЛАТНА ГОНДОЛА КАКО НА ЗЛАТИБОР ЌЕ ГО СПАСУВА ТУРИЗМОТ НА ПЕЛИСТЕР, ОПШТИНА БИТОЛА ОДВОИ 65.000 ЕВРА ЗА СТУДИЈА

    ЗЛАТНА ГОНДОЛА КАКО НА ЗЛАТИБОР ЌЕ ГО СПАСУВА ТУРИЗМОТ НА ПЕЛИСТЕР, ОПШТИНА БИТОЛА ОДВОИ 65.000 ЕВРА ЗА СТУДИЈАЦелосно е заборавена и запуштен пристапот до првиот национален парк Пелистер кој слави 75 години постоење. (Фото: СДК.МК)

    Времето како да запрело пред 30 години во првиот национален парк во поранешна Југославија, Пелистер. Целосно е заборавен паркот кој слави 75 години постоење, гордоста на  битолчани, планината со најраспостранетите шуми молика на Балканот, со глацијалните езера, камени реки и алпска клима.

    Паркот опстојува со еден асфалтен пат од времето на Тито, кој води до хотелот „Молика“, широк четири метри, па возилата минуваат како низ иглени уши. Има банкини од тракторски гуми, двосед жичница од времето кога хрватските скијачи Ивица и Јаница Костелиќ ги направиле првите скијачки чекори на Пелистер. Промената е сајлата, а ски-центарот е без вештачки снег. Планинарски патеки се со кружни маркации, без доволно патокази и џи-пи-ес.

    „Објективно и реално, она што во послените децении Пелистер го нуди како инфраструктура е под секое ниво и норматив. Не станува збор за субјективно мислење. Почнувајќи од пристапот, патот наместо да се прошири, означи и осветли, само се асфалтира и стеснува. Како да очекуваме доаѓање на туристи во парк кој не нуди планинарски дом, нема тоалети, а жичницата е стара над 40 години? Заклучокот на туристите е дека имаме фантастична природа, чист воздух, но достапноста, условите, организираноста се на незавидно ниво“, вели Горан Пинза, лиценциран туристички работник, основач на Здружението „Дојди, види, уживај“ кое трета година прави бесплатни екскурзии на Пелистер за деца од основни училишта.

    Патот до Пелистер е со дупки и прокопи. (Фото: СДК.МК)

    Во вакви услови „Молика“, единствениот хотел на Пелистер, бележи околу 14.000 ноќевања годишно, а заедно со другите угостителските објекти во подпелистерието 25.000 ноќевања. За споредба во Златибор, според Заводот за стастистика на Србија, во 2022 се забележани 673.852 ноќевања.

    На 480 километри од Битола, малата општина Чајетина, во југозападна Србија,  оддалечена на 9 километри воздушна линија од познатиот скијачки центар Златибор, успеа да направи туристички бум градејќи ја најголемата панорамска гондола во светот, наречена Голд гондола (златна гондола). Со 25-минутно возење се овозможува туристите да стигнат до ски-терените, а попатно да уживаат во прекрасните пејзажи. Чајетина има 16. 000 жители, што е шест пати помалку од Битола.

    „Сите инвестиции биле на Златибор и советниците одлучиле дека е време да ја поврзат Чајетина со планината преку најголемата гондола. Не е во Јапонија, Германија, туку во Србија. Подигнале кредит од 10 милиони евра, со проекција дека инвестицијата ќе ја вратат за 10 години. Гондолата е исплатена за само една година, а плус донесе развој за Чајетина. Во 2018, буџетот ѝ бил 16 милиони евра, во 2023 рекордни 61 милион евра. Е, ова е развој. За овој период го зголемиле буџетот за 3 пати“, вели Иван Чулакоски, советник од Поинаку, кој на општинскиот Совет му предложи по српскиот пример да се изработи проектна документација за гондола на Пелистер.

    „Ова е изводливо и кај нас, некаде од потегот кај Дихово каде има државно земјиште има услови да се изгради голем паркинг, од таму да започне гондолата, со една или две попатни станици, едната во близина на хотелот ‘Молика’, а другата би продолжила нагоре до каде има услови. Ако не на врвот Пелитер  недаде подолу. Би работела 12 месеци во годината. Траса 6 до 7 километри. Ќе ја поврземе планината со селата, ќе бидеме атракција“, вели Чулакоски.

    Советот на Општина Битола прифати да издвои по два милиона денари (околу 32.000 евра) во 2024 и 2025 година за изработка на  физибилити студија и техничка документација за гондола на Пелистер.

    Според официјалната интернет страница на Чајетина, по пуштањето на гондолата општината ја посетуваат 250.000 туристи и забележани се 1,2 милиони ноќевања годишно. Гондолата е поврзана со ски-центарот Торник, има капацитет од 800 патници на час и брзина од 6 метри во  секунда. На страницата е објавено интервју од неделникот „Вести Ужице“, во кое директорката Бојана Бажаниќ вели дека од почетокот на годината до септември гондолата превезла 180.000 патници, а за две години половина милион.

    Советот на Општина Битола прифати да издвои по два милиона денари во 2024 и 2025 година за изработка на  физибилити студија и техничка документација за гондола на Пелистер. (Фото: СДК.МК)

    Проектот гондола на Пелистер би имал огромни ефекти во однос на посетеноста, смета Никола Каровски од раководството на хотелот „Молика“. Посочува дека  во последно време Битола е транзитен центар, а инфраструктурата на Пелистер не дозволува поголема посетеност. Преку зима имаат 1.500 до 2.000 ноќевања претжено со гости од Албанија, додека во летната сезона од 10 до 12.000 ноќевања од Србија, Хрватска, Словенија, Чешка, Полска, Романија и Албанија.

    „Гондолата би била голем исчекор. Летово имавме четири-пет можности да дојдат двокатни автобуси, но на ваков пат низ селата Трново и Магарево , обраснат со вегетација, проблем е да се  убедат луѓето да дојдат. Има гости кои сакаат да наминат на ручек, а патуваат од Охрид за Солун, но губењето на три саати по пат не е исплатливо. Ако е попатната станица кај Бегова Чешма каде е туристичката зона, тогаш овие проблеми би се исклучиле.  Доаѓањето би било за 10 до 15 минути до ‘Молика‘. Обемот на посетеност би бил трипати поголем“, вели Каровски.

    Гондолата во Златибор. (Фото: Општина Чајетина)

    Планинарот Иванчо Тошевски, претседател на „Олимпус Монс“, здружение кое за Нова година традиционално го организира искачувањето на Антена „Први на први“, смета дека државата трендот на градење големи ски-центри со гондоли го пропушти. За тоа потребно е многу знаење, време, милиони евра и неповратно сквернавење на природата.

    „Трендот на новото време подразбира вложување во искуствениот и авантуристичкиот туризам. Искуствениот подразбира вложување во планинарски домови и засолништа, добро обележани и уредени планинарски и MTB патеки, изградба на виа ферати, означување на места кои се природни видиковци и инвестирање во човечки ресурси. Авантуристичкиот туризам го опфаќа кањонингот, рафтингот, зип линии, авантуристички паркови. Целата инфраструктура чини неспоредливо помалку време, пари и не нанесува штета на природата. Како држава финансиски ова можеме да си го дозволиме, треба да започнеме од утре ако не сакаме да го испуштиме трендот на новото време“, вели Тошевски.

    Како најуспешен пример ја издвојува Словенија каде нема гондоли, но 2022 година ја завршила со 2.71 милјарди евра прилив од туризам.

    Од Националниот парк „Пелистер“ само 10 проценти од трошоците се покриваат преку туризмот.

    „Според мене, најповолен e авантуристичкиот туризам. За масовен туризам, гондолата, треба да се добијат еден куп дозволи. Прво, треба да се изработи студијата и да се утврди дали ќе им наштети на флората и фауната на Пелистер. Треба да се направат истражувања. Тоа не е едноставен проект. Како идеја е интересна“, вели Оливер Божиновски од Националниот парк „Пелистер“.

    Сепак, сите се согласуваат дека идеите за развој на Пелистер се добри и се надеваат дека нема да останат на хартија како словенечката студија пред многу години за ски-центар кај Орлови Бари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира