Десничарскиот аутсајдер Хавиер Милеј победи на претседателските избори во Аргентина, покажуваат првичните резултати. Неговиот ривал, министерот за економија Серхио Маса, му се јавил за да го признае поразот, а му честиташе и Доналд Трамп, кој кажа дека Милеј ќе ја направи Аргентина повторно голема.
Изборите се одржаа среде големите инфлација и економска криза во земјата, па меѓу потезите кои ги најави Милеј се укинувањето на централната банка и замената на националната валута со американскиот долар. Радикалната програма што ја предлага Милеј се покажа популарна меѓу младите, при што тој на митинзите излегуваше со моторна пила, симболично покажувајќи како ќе ја отсече државната потрошувачка.
Според резултатите по 90% пребројани гласови, Милеј освоил 56%, а Маса 44%.
„Денеска почнува обновата на Аргентина. Денеска почнува крајот на падот на Аргентина. На моделот на декаденција му дојде крај. Нема назад“, изјави Милеј пред своите приврзаници.
Самопрогласен анархокапиталист, 53-годишниот економист е тип на политичар кого го споредуваат со Трамп и бившиот бразилски претседател Жаир Болсонаро. Во земјата во која што инфлацијата изнесува 140%, а две петини од населението живеат во сиромаштија, неговата победа покажува дека Аргентинците се заситени од традиционалните политики и од економската катастрофа.