РАЗНОВИДНОСТ ОД БОИ И ДЕЗЕНИ Е ТРЕНД ЗА ПРАЗНИЧНО УКРАСУВАЊЕ НА ТРПЕЗАТА

    РАЗНОВИДНОСТ ОД БОИ И ДЕЗЕНИ Е ТРЕНД ЗА ПРАЗНИЧНО УКРАСУВАЊЕ НА ТРПЕЗАТАРазновидноста од бои и дезени на чаршафот и садовите ѝ дава уметнички печат на трпезата. (Фото: АП)

    Лесно и без напор, со разновидност од бои и дезени на чаршафот и садовите, се главните карактеристики на годинашните трендови за украсување на празничната или гостинската трпеза, велат експертите за внатрешна декорација од водечките списанија во САД. Луѓето сè повеќе ги користат парчињата што ги имаат и ги сакаат и наоѓаат начини да ги користат за празнична декорација.

    Шарена „мини градина“ како декорација за центарот на масата. (Фото: АП)

    Експертите препорачуваат што помалку формалности и украсување на масата со она што е при рака, дури и ако тоа е убав стар чаршаф. На пример, стар син порцелански сервис, или да се постави масата со јарко розови и црвени садови на кафен чаршаф. Или користете ги вашиот секојдневен сервис садови, но сменете ги салфетките – сè што има некаков дезен ќе ги камуфлира дамките. Или уште поевтино: ставете хартиени коктел салфетки како подлоги за чаши.

    Плочки во две големини и саксиско цвеќе како декорација за центарот на масата. (Фото: АП)

    Добра декорација за трпезата се мали украсни предмети, сувенири од одмор или мали корпи за храна – масата е интересна, има личен допир и често се почнува муабет за предметите. Ако немате исти комплети, креативно решение е мешање на дезенот на чаршафот и салфетките со оној на садовите. Користете стаклени садови во различни форми и бои – обоената стакларија од 1970-тите е популарна во моментов, велат експертите.

    Маса украсена со бои инспирирани од пејзаж крај езеро, река или море. (Фото: АП)

    Правилото за инкорпорирање многу бои и дезени е: користете три или четири бои, покрај неутралните, менувајќи ја големината на дезенот на секој предмет. На пример, ако чаршафот има микродезен, салфетките треба да се со поголем, покрупен дезен, а садовите да имаат шара со различна големина (или да бидат бели – храната најдобро изгледа на бели чинии, велат експертите).

    Место голем цветен букет, декорација од мали тикви наполнети со цвеќе. (Фото: АП)

    За централниот дел на масата декоратерите советуваат да не се става голем цветен букет, зашто пречи на видикот. Наместо тоа, ставете шарена „мини градина“ – неколку мали саксии со миризливи билки или вазни со пупки со едно или две стебла низ центарот на масата. Или користете мали тикви и тиквички, поединечно или во плитка корпа за леб и неколку свеќници. Користете виолетова зелка – украсен вид – со мали гроздови кељ, билки, дури и ротквици за црвена боја. Додадете модар патлиџан, ситни тикви и разни сукуленти.

    Еве неколку идеи за декорација:
    – Акцент со злато: елегантен е и ги отсликува есенските бои.
    – Инспирирајте се од пејзажи: Ако живеете на брег, вклучете речно сина и зелена боја во декорот. Ако живеете близу планина, користете топли и шумски зелени и кафеави тонови.
    – Поставете евтини плочки во центарот на масата како патека за да се постават топли јадења или користете ги како подметачи.
    – Ставете ги свитканите салфетки и приборот врз чинијата, со тоа масата изгледа малку поформално.

    За да нема стрес, најважно е украсувањето да се осмисли неколку дена однапред за да може да се види дали нешто недостасува.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира