(Специјално од Брисел: Светлана ЈОВАНОВСКА)
Европската унија не може да се проширува без внатрешна реформа на ЕУ, изјави министерката за надворешни работи на Белгија Хаџа Лабиб во денешното интервју на белгискиот дневнил „Ле суар“, по враќањето од Црна Гора, Србија и Косово. Нејзината посета е во рамките на претседавањето на Белгија со ЕУ кое започнува на 1 јануари 2024 година.
Белгија го застапува ставот дека патот кон проширувањето мора да биде поврзан со пат на внатрешни реформи на ЕУ.
„Има реформи кои мора да се спроведат или ризикуваат да ја парализираат и поделат Европа. Мора тоа да се спроведува паралелно. И двете се навистина неопходни, проширувањето не може да оди без реформа на европските институции“, вели таа.
Министерката не го потврдува датумот во 2030 година за проширување што го даде претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел, и покрај тоа што Мишел и таа му припаѓаат на Демократското движење, либералната партија на франкофоните на Белгија. Според неа, 2030 година е само симболичен датум.
„Добро е да поставувате цели, но треба и реално да напредувате. И добро е да се има прогресивно членство. Земјите кандидати веќе добиваат средства за да се реформираат, да ги отворат своите економии, да го реформираат правосудниот систем, медиумите итн“, додава таа.
Функционирањето на ЕУ е соочено со пречки поради начинот на одлучување во кој сите 27 земји членки имаат свој збор. Според Лабиб, „реформата на Унијата е неопходна дури и без проширување. Денес сме соочени со пречки, па затоа треба да бидеме побрзи, поагилни во одлучувањето. Нè критикуваат затоа што не можеме да зборуваме во еден глас и веќе е комплицирано на 27. А што ќе правиме утре со 33 или 35 членки? Белгија е за тоа да има многу повеќе квалификувани мнозински гласови за надворешна политика, за одбрана на Европа итн“, вели таа.
Лабиб се осврнува и на извештаите на Европската комисија (ЕК) и фактот што денес сите очи се свртени кон Украина и Молдавија, додека балканските земји веќе 20 години чекаат некаков конкретен напредок кон ЕУ. Црна Гора се надева дека ќе стане 28 членка на ЕУ во 2028 година, но патот на Србија е сопрен затоа што Белград не им се придружува на европските санцкии кон Русија.
Министерката прецизира дека Белгија сè уште нема дефинитивен став дали ќе поддржи почеток на преговори со Киев како што тоа го советува ЕК во својот извештај од 8 ноември.
„Тоа сè уште не е решено. Во секој случај, тоа ќе биде консензус на европско ниво. И, под наше претседателство, ќе треба да дејствуваме како посредници, да правиме компромиси, нашата работа ќе биде да ги обединиме ставовите на сите 27 земји на ЕУ“, вели Лабиб.
Таа додава дека сигналот испратен од ЕК е позитивен и советува отворање на преговорите. Украина направи извонредна работа со оглед на воената ситуација, Молдавија е исто така многу добар студент.
„Извештајот на ЕК е баланс помеѓу, од една страна, геополитиката, со земјите кои се загрозени на нивната територија или на нивните граници, кои се стремат да се приклучат на европското семејство и, од друга, реформите што мора да ги водат за да бидат подготвени да се интегрираат во Европската унија. Тоа е компромис, ќе мора да жонглираме за да ги земеме предвид овие два параметри, од кои секој е суштински како и другиот“, вели Лабиб.
За време на ЕУ претседателството, Белгија ќе се фокусира на ревизија на буџетот на ЕУ (повеќегодишната финансиска рамка во која има 50 милијарди евра за Украина и 6 милијарди евра за Западен Балкан).
„Ова се народни пари, кои ќе треба да ги оправдаме во однос на нашите јавни мислења. Кога имаме земји кои повеќе не гледаат во иста насока како нас и кои се приближуваат кон земја-агресор, тоа е реален проблем со кој мораме да се справиме со целосна искреност“, вели таа, реферирајќи на проблемите во Унгарија со правната држава и владеењето на правото.
Лабиб најавува дека за време на белгиското раковдењето со ЕУ ќе се слави 20-годишнината од првото големо проширување на Унијата.
„Ќе организираме неформален Совет за општи работи, посветен на владеењето на правото, демократските вредности, со земјите членки но и со земјите кандидати, првпат тие ќе бидат поканети на овој дијалог за владеење на правото. Тоа е начин да ги натераме да се чувствуваат дека се дел од европското семејство, но и да знаат дека прво мора да бидеме усогласени со овие основи“, вели министерката.
Унгарија е на ред да претседава со ЕУ во втората половина на 2024 година. Освен што финасиските средства за Унгарија се закочени, повеќе земји бараат на Будимпешта да ѝ се одземе тоа право на претседавање со ЕУ токму поради нарушувањето на правата држава, но и блискоста со Москва.
Лабиб смета дека тоа не е добра стратегија.
„Јас сум против овој предлог да се спречи Унгарија да има ротирачко претседателство. Должност е да ги потсетиме дека се дел од Унијата, дека мора да го организираат претседателството. Но, тие исто така мора да ги почитуваат основите; ако не го направат тоа веќе немаат збор, тогаш ќе ги суспендираме средствата и мислам дека работите ќе се ослободат многу брзо“, вели Лабиб.