Хуманитарното примирје помеѓу Израел и Хамас е продолжено за уште два дена, објави катарското министерство за надворешни работи. Првичната четиридневна пауза во борбите требаше да истече денеска на полноќ, но со посредство на Катар и Египет е договорено нејзино продолжување. Веста ја потврди и Хамас.
„Со браќата од Египет и Катар е постигнат договор за продолжување на хуманитарното примирје за уште два дена, со истите услови како од досегашното примирје“, соопшти Хамас, што подразбира ослободување на тројца Палестинци за секој заложник.
Вечерва треба да биде извршена четвртата размена, која ќе вклучи 11 заложници и 33 затвореници. Во првите три дена, од израелските затвори се пуштени вкупно 117 Палестинци, додека Хамас ослободи 58 заложници, меѓу кои се и 19 тајландски, филипински и руски државјани за кои одделно се преговарало.
Дија Рашван, шефот на Египетската информативна служба, изјави дека дополнително е договорено да се ослободат 20 израелски заложници и 60 палестински затвореници.
Израел го повтори својот предлог за продолжување на примирјето за еден ден за секои нови десет ослободени заложници, но нагласи дека лимитот ќе биде пет дена.