СОБРАНИСКАТА КОМИСИЈА ЗА ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ ЌЕ ЈА ЧЕКА ЈАНЕВА ЗА ДА РАСПРАВА ПО ИЗВЕШТАЈОТ

    СОБРАНИСКАТА КОМИСИЈА ЗА ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ ЌЕ ЈА ЧЕКА ЈАНЕВА ЗА ДА РАСПРАВА ПО ИЗВЕШТАЈОТ

    Скопје, 21 март, 2016 – (META) Почна и речиси во исто време заврши седницата во салата 4 во Собранието на Република Македонија, каде Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците требаше да го разгледува извештајот на специјалната обвинителка, Катица Јанева. Седницата ја отвори пратеникот Влатко Ѓорчев, а во салата имаше метеж затоа што присуствуваше целата претеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

    Тој рече дека била поканета и специјалната обвинителка, која не се појави, па затоа седницата ја презакажа за утре во 11 часот.

    Комисијата ќе треба да даде мислење за извештајот на СЈО, а додека не го стори тоа, извештајот нема да може да се стави на дневен ред на пленарна седница.

    Пратениците од владејачката партија во салата носеа примерок од отчетот што синоќа беше презентиран во „Јане Сандански“.

    Специјалната обвинителка не присуствуваше и на седницата на Советот на јавни обвинители за извештајот, во петокот минатата недела, поради што, како што соопшти претседателот на Советот, Петар Аневски, оваа точка не била на дневниот ред и е презакажана за оваа среда.

    Аневски ја повика Јанева да дојде в среда, бидејќи, како што рече, тоа е нејзина должност, а и на членовите на Советот им биле нејасни доста наводи во извештајот и сакале да ѝ постават прашања на специјалната обвинителка.

    Од СЈО, пак, изјавија дека специјалната обвинителка нема законска обврска да учествува на седницата ниту досега било практика раководителите на обвинителствата во Република Македонија да присуствуваат и да реферираат пред Советот за вакви извештаи, како и тоа дека треба да се има предвид автономијата на Специјалното јавно обвинителство.

    Собранието в понеделник, на 28 март, ќе го разгледува извештајот на Јанева на пленарна седница.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира