НАД 40 ЖЕНИ ЖРТВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ГОДИНАВА ПОБАРАЛЕ ПОМОШ ВО КУМАНОВСКОТО СОВЕТУВАЛИШТЕ

    НАД 40 ЖЕНИ ЖРТВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ГОДИНАВА ПОБАРАЛЕ ПОМОШ ВО КУМАНОВСКОТО СОВЕТУВАЛИШТЕПретседателката на „Мајка“ Лидија Илиевски и претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска на отворањето на советувалиштето во Куманово. (Фото: СДК.МК)

    Над 40 жртви на семејно насилство годинава побарале помош во Советувалиштето за жртви на семејно насилство, кое го води Хуманитарното здружение „Мајка“ во Куманово. Поддршка им дава тим од социјален работник, психолог/психотерапевт, правник и кариерен соработник во справување со последиците од насилството.

    „Улогата на овој сервис е да ги прифати жртвите, да им пружи прва помош и да ги упати во институциите. Жртвите добиваат бесплатна правна помош, психолошки третман, ги водиме низ институциите да ги оставарат своите права, им помагаме како да најдат работа“, вели Лидија Илиевски, претседателка на „Мајка“.

    Досега насилство пријавиле жени од сите возрасти, од 20 до 75 години, главно невработени, економски зависни и без имот на сопствено име.

    „Скоро сите се жени кои се јавуваат кај нас се со основно или средно образование, освен две кои имаа високо. По правило се невработени, живеат во куќа на име на насилникот, па им е потешко да се осмелат го напуштат. Неретко се уценувани дека ќе им бидат одземени децата. Етничката слика е разнолика, се јавуваат и Македонки, Албанки, Ромки“, вели Вероника Зафировска, социјален работник во советувалиштето.

    Таа вели дека најголем проблем е додека жртвите да се охрабат да пријават, потоа тие го тераат процесот на регистрација како жртви на семејно насилство, од кое подоцна произлегуваат нивните права.

    Од пред еден месец, здружението „Мајка“ има лиценца од Министерството за труд и социјална политика, поради што се очекува да се зајакне соработката на државните служби, која засега отсуствува.

    „Досега жените доаѓаат на препорака на адвокатки, невладини организации, активисти, но не и од Центарот за социјални работи и полицијата. Се надеваме дека ќе се смени оваа пракса“, вели Ивана Маринковска, правник во здружението.

    Тие имаат одлична соработка со подрачното одделение на Министерството за правда преку програмата за бесплатна правна помош, кое ги води низ правните процеси и ги застапува жртвите пред суд за развод или поделба на имотот.

    Хуманитарното здружение „Мајка“ од пред една година започна со имплементација на проектот „Комфорна зона за жени жртви на семејно и родово базирано насилство“, во рамки на кој функционира советувалиште. Проектот е финасиран од УНДП и Општина Куманово.

    Претседателката Илиевски вели дека најголем проблем е што во целиот Североисточниот Регион од околу 200.000 жители нема шелтер-центар, па жените кои се под закана од насилникот ги праќаат во Скопје, но тие најчесто одбиваат да останат таму и се сместуваат кај роднини, а некои дури и се враќаат кај насилникот ако немаат каде да одат. Таа апелира до надлежните да помогнат барем да се отвори кризен центар за 24-часовно згрижување. Тие имале идеја нивното советувалиште да стане регионално и да се приклучат и останатите 6 општини во регионот, но не добиле поддршка.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира