Шефовите на ЦИА и Мосад се сретнаа со катарскиот премиер во Доха за да се обидат да го продолжат примирјето помеѓу Израел и Хамас за уште два дена. Египетските медиуми објавија дека паузата во борбите ќе биде продолжена за два дена под истите услови како досега.
Израелски функционери изјавија дека предлогот се разгледува, но засега нема ништо потврдено. Весникот „Харец“ објави дека договорот за продолжување на примирјето најмногу зависи од тоа дали Хамас ќе успее да ослободи уште десет заложници на ден, зашто во неговото заложништво се останати помалку жени и деца.
Според оригиналниот договор за примирје, двете страни се согласија да ослободат главно жени и деца.
Извори од преговарачкиот процес изјавија за весникот „Харец“ дека Израел не е расположен да го продолжи примирјето и во следната недела, туку најмногу до крајот на викендот.
Денеска е вториот и последен ден од продолженото примирје, откако вчера беа ослободени 12 заложници и 30 палестински затвореници. Во изминатите пет дена вкупно се ослободени 81 заложеник и 180 палестински затвореници.