Потрагата по исчезнатата 14-годишна Вања Ѓорчевска од Скопје влезе во третиот ден. Таа исчезна во понеделникот наутро на пат кон училиште во скопската населба Дебар Маало.
Од полицијата утринава велат дека потрагата деноноќно трае и дека се истражуваат сите можни мотиви и причини.
МВР вчера објави нејзина фотографија со опис во билтенот за исчезнати, а нејзината фотографија се споделува и на социјалните мрежи.
Mајката на Вања во понеделникот на Фејсбук напиша дека девојчето излегло од дома во 7.20 за на училиште и оттогаш и се губи секаква трага.
Последниот сигнал од нејзиниот телефон е лоциран на улицата „Партизанска“ спроти Универзална сала.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера рече дека на нејзино пронаоѓање интензивно работи посебен тим формиран од СВР во Скопје. .
Тој додаде дека МВР ќе ги преземе сите мерки и активности што се потребни, со цел да дојде до информација за да може да биде пронајдено девојчето.