ЛАВРОВ СЕ СРЕТНА СО СИЈАРТО НА САМИТОТ НА ОБСЕ ВО СКОПЈЕ, БЛИНКЕН И КАМЕРОН СИ ЗАМИНАА ПРЕД ТОЈ ДА ДОЈДЕ

    ЛАВРОВ СЕ СРЕТНА СО СИЈАРТО НА САМИТОТ НА ОБСЕ ВО СКОПЈЕ, БЛИНКЕН И КАМЕРОН СИ ЗАМИНАА ПРЕД ТОЈ ДА ДОЈДЕВчера во Скопје дојдоа и американскиот државен секретар Ентони Блинкен и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон, но тие останаа само на неформалната вечера синоќа и си заминаа пред да пристигне Лавров. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров имаше средба со унгарскиот колега Петер Сијарто на маргините на самитот на ОБСЕ во Скопје, пред официјалниот почеток на Министерскиот состанок во спортската сала „Борис Трајковски“, соопшти руското МНР. Освен со Сијарто, Лавров имаше средба со ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан.

    Во Скопје се собрани министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ, како и на државите партнери на организацијата.

    Вчера во Скопје дојдоа и американскиот државен секретар Ентони Блинкен и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон, но тие останаа само на неформалната вечера синоќа и си заминаа пред да пристигне Лавров, кој мораше да лета преку Турција и Грција, бидејќи Бугарија ја повлече дозволата за прелет на неговиот авион.

    Во говорот на состанокот, Лавров ги обвини НАТО и ЕУ дека ја уништиле воено-политичката димензија на ОБСЕ. Дел од министрите ја напуштија конференциската сала кога почна говорот Лавров.

    Околу 1.000 делегати од 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на ОБСЕ се во Скопје за 30. Министерски совет на организацијата. Македонија годинава е претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

    На министерскиот состанок се разговара за иднината на организацијата и за предизвиците со кои се соочува, а се очекуваат одлуки за изборот на претседавач за 2024 година, за што на подготвителниот состанок на амбасадори на 57-те земји членки неделава во Виена е постигнат консензус тоа да биде Малта. Треба да се одлучува и за буџетот, како и за именувања за клучните позиции во институциите на ОБСЕ.

    Предвидени се и два пропратни настани: Потпишување на заедничката изјава за борба против корупцијата во Југоисточна Европа преку враќање на имотот и користење на дигитализација по кој ќе следи и адресирање на влијанието на климатските промени врз човековата безбедност во областа на ОБСЕ.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира