Рускиот генерал Владимир Завадски загинал во Украина во експлозија на мина, објавија неколкумина руски воени блогери. Четириесет и петгодишниот генерал-мајор беше заменик-командир на 14. армиски корпус, а претходно беше заповедник на елитната тенковска дивизија Кантемировски, стационирана близу Москва.
Руското министерство за одбрана не извести за овој инцидент, за кој не е јасно каде се случил. Завадски загинал во средата попладне и се верува дека неговата единица била на позиции во јужниот регион Херсон.
Ако се потврди оваа информација, Завадски ќе биде најмалку седмиот руски генерал кој загинал во Украина од почетокот на инвазијата. Четворица загинаа во првите четири месеци од војната, а двајца летоска.
Украинските извори објавија за смртта на уште седуммина руски генерали, но за тројца од нив потоа се потврди дека се живи.