Украинската шпионска агенција соопшти дека детонирала експлозив на пруга во Сибир, илјадници километри далеку од фронтот, што е втор напад врз воените линии на снабдување во оваа област оваа недела. Инцидентот ги покажува подготвеноста и способноста на Украина да изведува саботажи длабоко на руската територија со цел да ја попречува руската воена логистика далеку од фронтот.
Извор од украинското разузнавање изјави дека експлозивот бил детониран додека товарен воз минувал преку мостот Чертов во сибирскиот регион Бурјатија, која граничи со Монголија.
Возот користел споредна пруга откако само ден порано бил изведен сличен напад и во тунелот Северомујски, што довело до превртување на вагони. „База“, рускиот медиум кој користи независни извори, објави дека во последната експлозија биле запалени шест вагони, но немало човечки жртви. Слична проценка за штетите дала и Украинската безбедносна служба, која тврди дека ги спровела овие напади.
Руските истражители заклучиле дека во првиот инцидент бил детониран експлозив, опишувајќи го тоа како терористички чин извршен од непознати поединци.