Во Македонска Каменица цел месец се одржува меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“, посветен на првиот македонски печатар кој творел во 16 век, кога од градот Каменица под Осоговски Планини заминал во светот да бара печатници и да го испечати македонскиот „Часослов“ на црковнословенски јазик. Главната манифестација на фестивалот ќе се одржи на 14 декември во Македонска Каменица.
„Јаков од Камена Река уште во 16 век напишал: ‘Појдов од Македонија, мојата татковина, за да ја испечатам напишаната книга ‘Часослов’ од 1566 година. Роден сум во Камена Река во близина на Осоговските Планини, каде моето почитувано свештеничко семејство живее подолго време’. Тој го апострофира регионот на Каменичка Река и градот Каменица, сегашна Македонска Каменица“, вели претседателот на фестивалот Миле Ѓорѓиевски, кој додава дека оригинални записи за ова има во НУБ „Св. Климент Охрдиски“ во Скопје.
Во поговорот на книгата која била испечатена во Венеција истата година, Јаков пишува: „Од мојата татковина Македонија влегов во западните земји близу до стариот Рим, во градот Венеција и таму ги најдов старите печатни калапи на војводата Божидар и кај сина му Виченцо почнав да ги печатам овие мали книги и затоа го молам бога да ме насрчи (насочи ) на ова дело што сакам да го испечатам“.
Ѓорѓиевски додава дека фестивалот има богата едукативна, образовна и куклтурно- уметничка содржина наменета пред сè за младите. За учениците од основните и средните училишта ќе има наградни конкурси за проза, поезија и цртежи. Ќе има работилници и трибини за книжевноста и образованието. Ќе има признанија и за граѓани од Македонска Каменица кои дале придонес во развојот на градот, и за видни личности од целата држава кои исто така дале придонес во напредокот на градот домаќин од сите сфери на општествениото живеење.
Една од главните активности е организирањето на натпревар меѓу учениците од основните и средните училишта по убаво пишување (краснопис), на кој ќе учествуваат ученици од Делчево, Пехчево, Берово, Виница и Македонска Каменица за поголемо негување и почитување на македонскиот јазик и литература. Натпреварот, па и идејата за целиот фестивал ги објаснува најсликовито ги објаснува членот на Одборот, графичкиот дизајнер и типограф Ласко Џуровски, кој го цитира Блаже Конески:
„Јазикот е нашата единствена неподелена татаковина. Ретко кој јазик во светот има писмо како што е нашето – кириличното, во кое секој глас си има своја буква. Ако кажеш ‘а’ пишуваме ‘а’ и не пишуваме една или повеќе букви за да го изговориме некој сосема друг глас“, вели Џуровски кој на фестивалот ќе ги промовира своите дизајни за кириличен фонт.
Џуровски од фестивалот „Јаков од Камена Река“ го добива признанието за зачувување и промоција на македонското кирилично писмо. Призинанието за најчитан македонски писател во библиотеките во Македонија за 2023 година го доби писателката Милијана Павловска, библиотеката НУ„Гоце Делчев“ од Штип го носи признанието за Библиотека со најголем број издадени книги од македонски автори. За придонес во научно-образовната дејност и промоција на Македонска Каменица признание добива Проф. д-р Орце Симов, а признание за придонес во литературата за деца писателот Киро Донев. Признание за афирмација на македонската култура доби новинарот Љупчо Јолевски. Признание за афирмација македонската култура и образование надвор од Македонија добива Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија, а новинарот Иван Бојаџиски доби признанието за промоција на Македонска Каменица во печатените и електронските медиуми. Признанијата ќе бидат врачени на 14 декември во Македонска Каменица.
Првиот фестивал „Јаков од Камена Река“ е во организација на Здружението на граѓани „Надеж“ од Македонска Каменица, со поддршка на КИЦ „Романса“ и Општина Македонска Каменица.
Т. ЈОВАНОВСКИ