Таткото на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка. Како што доцна во вторник навечер соопшти Основното јавно обвинителство Скопје донесена е Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица. Четворица како соизвршители сториле две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик и две убиства на свиреп начин, едно на малолетно лице и едно од користољубие. Петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело – Грабнување на малолетно лице.
„Постои основано сомнение дека на 22 ноември, четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил „цитроен“ за тие да го искористат за грабнување на малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, на 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот „цитроен“.
За четворица осомничени, кои веќе се наоѓаа во 48-часовен притвор, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка вечерва достави предлог за определување мерка притвор.
Претходно, министерот за внатрешни работи Оливе Спасовски соопшти дека главниот осомничен, Љупчо Палевски – Палчо, кој бил креатор, планер, главeн координатор и директен извршител на грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, е фатен во Турција. Палевски се криел во турскиот град Баликесир и таму е лишен од слобода од турската полиција.
Зборувајќи на вонредна прес-конференција, Спасовски рече дека е изготвена кривичната пријава на 100 страници. Пријавата е против пет лица за грабнувањето и убиството на Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.
Спасовски рече дека МВР ја завршило работата и сега на потег е Обвинитетлството, при што остави простор истрагата и натаму да се проширува.