На спомен-плочата на Гемиџиите, поставена кај нивниот споменик кај Малото мовче во Велес, двапати е пишано името на Костадин Кирков, еден од учесниците во атентатите во Солун пред 120 години. За ова реагираа наследниците од фамилијата Кирков.
„Несфатливо е како можело никој да не забележи дека името на Костадин е пишано двапати, вториот пат како Константин. Жално е што нема институција која не реагирала. Не дека ние како семејство не сме забележале, но еве, по толку години решивме јавно да реагираме. Ниту Костадин има улица во Велес по која некој ќе го помни. Тоа е случај со повеќето учесници во Солунските атентати родум од Велес, освен овој споменик. Тие немаат улици со нивните имиња, како младите генерации ќе ја помнат нивната саможртва. И уште еден пример, улицата на првоборецот Благој Кирков од непознати причини ја пишале Ќирков“, вели Јордан Кирков.
Од Општина Велес немаа одговор на поставеното прашање кој е автор на мермерната спомен-плоча, бидејќи немало документација кога е поставена, кој ја изработил и чие дело е.
Затоа од новинарските написи може да се констатира дека плочата е поставена за 110-годишнината од Солунските атентати. Претходната, која беше поставена на откривањето на споменикот на Гемиџиите на 2 август 2003, беше со букви од месинг, па често се крадеа, по што се постави мермерна плоча со имињата на Гемиџиите.
Градоначалникот на Велес, Марко Колев, најави дека следната година ќе биде отстранет овој пропуст присутен од 2013, така што ќе се постави нова плоча.
П. ПЕЧКОВ