(Специјално од Берлин: Марина КОСТОВА)
„Анатомија на падот“ на француската режисерка Жистин Трие е апсолутниот победник на 36. Европски филмски награди, освои 4 статуетки и тоа за најдобар филм, за режија, за сценарио и за најдобра актерка за Сандра Хилер.
На гала церемонијата во Берлин, филмот на Трие победи во сите 4 категории во кои беше номиниран, а најголемото изненадување е што без награда останаа двата фаворити со по пет номинации, пред сѐ „Зоната на интерес“ на Џонатан Глејзер и „Паднатите лисја“ на Аки Каурисмаки. Наградата за најдобар актер ја доби Мадс Микелсен за „Ветена земја“.
„Сега се плашам пак да режирам”, се пошегува Трие на прес-конференцијата по завршувањето на церемонијата, што ја следеа над 1.000 гости во берлинската Арена.
Таа рече дека филмот, судска драма во која писателка е обвинета дека го убила сопругот, кој победи во Кан, е плод на мачна работа, го напишале заедно со сопругот Артур Харари во времето на ковид изолацијата низ бројни преиспитувања на брачните односи и дека е изненадена колку многу луѓе низ светот ѝ кажале дека ги допира приказната.
Филмот е и хит во кината низ Франција, но не е и француски кандидат за Оскар, што беше скандал, но Трие рече дека тоа не ѝ е важно оти делото си има свој живот и веќе не ѝ припаѓа.
Сандра Хилер, која беше номинирана за најдобра актерка и во „Анатомија на падот“ и во „Зоната на интерес“, примајќи ја наградата на сцена ги замоли присутните за миг да замолчат и да се обидат да замислат свет во мир.
„Уметноста не постои во вакуум и не е независна од светот во кој живееме, а светот денес не е во мир”, рече Хилер на прес-конференцијата по завршувањето на галата.
Највозбудена на доделувањето беше Естонката Ана Хинтс, која победи за најдобар документарец за „Сестринство на парната сауна“ и која на сцена се заблагодари со песна.
„Го работевме филмот седум години и целта ни беше сауната да ја видиме не само како надворешно, ами и внатрешно прочистување. Женското тело е толку подложено на објективизација што сакавме на некој начин да си го вратиме, да ѝ припаѓа само на жената”, рече таа на прес-конференцијата.
Шпанскиот „Сништа на роботот“ на Пабло Бергер освои награда за најдобар анимиран филм, а режисерот на сцена извика „Анимацијата не е жанр!“.
„Анимираниот филм е за сите, и за деца и за млади и за возрасни и одбивам да му ја одземам важноста“, рече тој на прес-конференцијата.
Многумина од критичарите и новинарите присутни на доделувањето сметаат дека Глејзер, чиј филм е за наци командант во Аушвиц кој со семејството живее во самосоздадена рајска градина на работ на логорот, е неправедно оштетен од дистрибутерот, кој не им оставил доволно време на членовите на Европската филмска академија да го гледаат за да може и да гласаат за него.
Иако Глејзер и целиот тим беа во Берлин, сепак дистрибутерот не им дозволи ниту да даваат интервјуа, ниту да се експонираат во медиумите, со оглед дека претстои американската премиера и целта е номинација за Оскар.
Наградата на Меѓународното здружение на филмската критика ФИПРЕСЦИ за откритие на годината ја доби „Како да се има секс“ на Моли Манинг Вокер.
Со долг стоечки аплауз беше дочекан и почесниот лауреат, славниот унгарски режисер Бела Тар, како и Ванеса Редгрејв, на која во видеопорака наградата за животно дело во нејзинот дом ѝ ја врачи ќерка ѝ, актерката Џојли Ричардсон.
Македонската актерска легенда Мето Јовановски, кој почина минатиот месец, беше меѓу заминатите великани на европскиот филм, на кои им се оддаде почит на сцената.