Општина Центар ќе ги менува уличните светилки и ќе поставува систем на паметно осветлување на целата нејзина територија. Општината на 5 декември склучила договор со компанијата „А1 Македонија“ за систем за администрација, дигитализација и реконструкција на јавното осветлување за паметно мерење и управување со електрична енергија-паметни ормари.
Според договорот објавен на страната на Бирото за јавни набавки, Општина Центар ќе плати 2 милиона евра за имплементација на овој проект. На тендерот учествувале две фирми, „А1 Македонија“ и „Турбоинженеринг“, а како подобра е избрана понудата на телекомуникацискиот оператор.
„А1 Македонија“ треба да направи детална анализа, изготви техничко решение за имплементација на проектот и да испорача ЛЕД светилки, мрежа и комуникациска опрема, апликација и останати материјали потребни за инсталирање и непречено функционирање на системот. Треба да направи демонтажа на постоечките светилки, да ја обезбеди потребната инфраструктура, вклучувајќи хардвер, софтвер, база на податоци и лиценци потребни за административна дигитализација, реконструкција на системот за јавно осветлување и работа на системот за паметно мерење и управување со електричната енергија-паметни ормари.
Според договороот, компанијата треба да обезбеди гаранција и потполна функционалност на сите испорачани хардверски и софтверски компоненти во текот на целото времетраење на гарантниот рок од 36 месеци, како и да изврши обука на вработените.
Траењето на договорот е 48 месеци.
А. АНТЕВСКА