Новиот аргентински претседател Хавиер Милеј, кој е економист по професија, денеска положи заклетва и во својот прв говор предупреди дека нема алтернатива за остриот, болен фискален шок за да се оправи најтешката економска криза во земјата во последните децении, во која инфлацијата се движи кон 200%.
„Нема пари“, изјави 53-годишниот Милеј во Конгресот, најавувајќи дека економијата краткорочно ќе се влоши уште повеќе.
Милеј, поранешен ТВ-експерт кој се прослави со сочните напади на своите ривали, Кина и папата, ја презема функцијата од непопуларниот Перонист Алберто Фернандес.
„Претходната влада нѐ остави на патот кон хиперинфлација. Ќе сториме сѐ за да избегнеме таква катастрофа“, кажа Милеј.
Разбушавениот политички аутсајдер претставува голема коцка за Аргентина: неговиот економски план со шок-терапија за нагло намалување на трошоците им се допадна на инвеститорите и може да ја стабилизира загрозената економија, но ризикува да турне уште повеќе луѓе во тешкотии, во услови кога над две петини од населението веќе живеат во сиромаштија.
Милеј предупреди дека ако не се скроти, годишната инфлација би можела да порасне на 15.000% и додаде дека долгот од 100 милијарди долари е вистинска бомба. Се очекува тој во следните денови да изнесе повеќе детали од својот економски план.
Меѓу потезите кои ги најавуваше Милеј беа укинувањето на централната банка и замената на националната валута со американскиот долар. Радикалната програма што ја предлага Милеј се покажа популарна меѓу младите гласачи, при што на митинзите излегуваше со моторна пила, симболично покажувајќи како ќе ја отсече државната потрошувачка. Самопрогласен анархокапиталист, Милеј е тип на политичар кого го споредуваат со Трамп и со бившиот бразилски претседател Жаир Болсонаро.