ФОНДАЦИЈАТА „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“ ПО 16. ПАТ ДОДЕЛИ 40 СТИПЕНДИИ ЗА СТУДЕНТИ НА ФАРМАЦИЈА И МЕДИЦИНА

    ФОНДАЦИЈАТА „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“ ПО 16. ПАТ ДОДЕЛИ 40 СТИПЕНДИИ ЗА СТУДЕНТИ НА ФАРМАЦИЈА И МЕДИЦИНАМазнева, Мукаетов и Караџинов на доделувањето на наградата од Фондацијата „Трајче Мукаетов“ (Фото: „Алкалоид“)

    Двајцата првенци на генерација, Теодора Мазнева од Фармацевтскиот факултет (со просек 9,81) и Леонид Рене Томас Караџинов од Медицинскиот факултет (со просек 9,98), стипендист на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ се годинашни добитници на еднократна парична награда од 1.200 евра во денарска противвредност од Фондацијата. Шеснаесетта година по ред, Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 40 стипендии за студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) од Скопје.

    Изборот на стипендистите за учебната 2023/2024 година, кој е во согласност со објавениот јавен конкурс, е одобрен од Управниот одбор на Фондацијата, по предлог-прелиминарната листа од комисиите за распределба на стипендии, составени од претставници на Фондацијата, на двата факултета, како и од претставници од редовите на студентите.

    За новата академска година се доделуваат 40 нови стипендии, од кои 20 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при УКИМ.

    „Во вакви специфични времиња исполнети со огромни предизвици, како за компаниите така и за поединците, а особено за младите, чест е да се биде дел од една континуирана позитивна приказна на едукација, посветеност на науката и врвни резултати во сферата на здравството и фармацијата. Особено ни е драго што компанијата во изминатите 16 години е дел од успешната академска приказна на 659 стипендирани студенти на државниот универзитет во Скопје, кои се додадена вредност на македонското здравство и фармација. Едукацијата во овие две сфери е од исклучителна важност, а процесите во нашата компанија бараат стручно профилирани кадри и особено ми е драго што досега 101 од стипендираните студенти одлучиле својот професионален пат да го започнат во некој од нашите оддели, во кои своето знаење и капацитетите можат да ги демонстрираат со целосен потенцијал. Благодарение на високата селективност при ангажирањето стручни кадри и континуираните вложувања во сферата на едукацијата, денес ‘Алкалоид’ конкурентно и достоинствено се носи на глобалниот фармацевтски пазар“, изјави Живко Мукаетов, претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје.

    За 16 години, Фондацијата стипендирала вкупно 659 студенти по фармација и по медицина при УКИМ и инвестирала близу 130 милиони денари по основ на стипендии и на еднократни парични награди за првенците на генерација. Од ноември 2022, стипендијата изнесува 7.000 денари во текот на 12 месеци и се засметува линеарно на постојните и новите стипендисти, сѐ до нивното формално завршување на студиите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира