Затворениот опозициски лидер Алексеј Навални е тргнат од казнената колонија каде што ја служеше својата казна и не се знае каде се наоѓа, изјави неговата портпаролка Кира Јармиш. Таа напиша на социјалните мрежи дека Навални веќе не е заведен во колонијата Мелехово, за што добила потврда оттаму.
Соработниците на Навални очекуваа тој да биде префрлен во построг затвор откако му беше продолжена казната. Тие велат дека неговото исчезнување се поврзува со неодамнешните објави за претседателските избори во Русија, на кои Владимир Путин ќе се бори за нов шестгодишен мандат.
Навални во август беше прогласен за виновен за основање и финансирање на екстремистичка организација, за што доби уште 19 години затвор. Тој претходно беше осуден на девет години затвор за прекршување условна казна, измама и за непочитување на судот.
На него му било кажано дека ќе продолжи да ја служи казната во „колонија со специјален режим“, тип на затвор во кој обично се праќаат опасни криминалци и осудените на доживотен затвор.
Соработниците на Навални претходно кажаа дека шест дена немаат никакви информации за него. Тој беше отсутен и од неколку последни судски рочишта.