Новата аргентинска влада објави дека ќе ја намали вредноста на националната валута пезос за повеќе од 50% во однос на американскиот долар. Тоа е дел од економската шок-терапија, за која новиот претседател Хавиер Милеј нагласи дека е неопходна за да се излезе од најголемата економска криза во последните децении.
Министерот за економија Луис Капуто изјави дека ќе има и длабоки резови во јавното трошење, што вклучува намалување на субвенциите за транспорт и гориво и замрзнување на трошоците за некои големи владини договори и реклами.
Капуто кажа дека ја наследил најлошата економска состојба во историјата на Аргентина и презема чекори за да се избегне хиперинфлација.
„Неколку месеци ќе ни биде уште полошо, особено во поглед на инфлација. И го кажувам тоа зашто е подобро да чуете непријатна вистина отколку пријатна лага“, изјави Капуто во телевизиското обраќање.
Аргентина се бори со растечка инфлација, при што цените се повисоки за 150% во споредба со лани, а 40% од населението живее под линијата на сиромаштија. Меѓународниот монетарен фонд, на кој Аргентина му должи 44 милијарди долари, ги опиша мерките како храбри.
Од 2019, Аргентина ја одржуваше својата валута вештачки силна со строго контролирање на нејзиното движење.