ТУРСКИ ПРАТЕНИК ПОЧИНА ДВА ДЕНА ОТКАКО КОЛАБИРАШЕ ВО ПАРЛАМЕНТОТ ПО ГОВОР ВО КОЈ ЈА КРИТИКУВАШЕ ВЛАСТА

    ТУРСКИ ПРАТЕНИК ПОЧИНА ДВА ДЕНА ОТКАКО КОЛАБИРАШЕ ВО ПАРЛАМЕНТОТ ПО ГОВОР ВО КОЈ ЈА КРИТИКУВАШЕ ВЛАСТАПо завршувањето на говорот, Хасан Билмез ненадејно падна наназад, додека други пратеници се стрчаа да му помогнат (Фото: АФП)

    Опозицискиот турски пратеник Хасан Билмез почина денеска, два дена откако претрпе срцев удар и колабираше во парламентот набргу по завршувањето на својот говор во кој ги критикуваше владините политики кон Израел. Педесет и четиригодишниот Билмез беше пратеник од редовите на опозициската исламистичка партија Саадет.

    Билмез беше претседател на Центарот за истражување на исламската унија, а порано работел за исламски невладини организации.

    Снимките од парламентот покажаа како Билмез колабира откако стоеше на парламентарната говорница.

    Тој ја критикуваше владејачката партија АКП што продолжува со трговската размена со Израел и покрај војната во Газа и жестоката владина реторика против израелските бомбардирања.

    „Дозволувате бродови да одат во Израел и бесрамно го нарекувате тоа трговија. Вие сте соработник на Израел. Ја имате крвта на Палестинците на вашите раце. Придонесувате за секоја бомба што Израел ја фрла на Газа“, кажа Билмез.

    По завршувањето на говорот, Билмез ненадејно падна наназад, додека други пратеници се стрчаа да му помогнат. Министерот за здравство Фахретин Коџа изјави дека прегледите покажале дека двете главни вени во срцето на Билмез биле целосно блокирани.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира