РИШИ СУНАК И ЏОРЏА МЕЛОНИ СЕ ВО ПОЛИТИЧКА РОМАНСА ОД ИНТЕРЕС

    РИШИ СУНАК И ЏОРЏА МЕЛОНИ СЕ ВО ПОЛИТИЧКА РОМАНСА ОД ИНТЕРЕСЕкстремно десничарската италијанска премиерка сè повеќе станува политичка сродна душа на британскиот конзервативен премиер. (Фото: Гети)

    Кога минатиот месец Риши Сунак ги покани европските лидери на неговиот самит за вештачка интелигенција во Блечли Парк, се појави само еден: Џорџа Мелони. Сунак викендов ја возвраќа услугата, присуствувајќи на политички фестивал организиран од екстремно десничарската италијанска премиерка – која сè повеќе станува политичка сродна душа на британскиот конзервативен премиер, се вели во анализата на „Политико“.

    Портпаролот на Сунак изјави дека двојката – редовно сликана како се смее и се шегува заедно на состаноците – „очигледно добро се согласува“. Тој ја сведе нивната блиска врска на фактот дека биле избрани „во слично време“. Но, врските меѓу двајцата премиери се многу подлабоки, со заедничка интелектуална инспирација, заеднички политички цели и конкретни политички и дипломатски причини за да останат блиски. И двајцата лидери си се потребни еден на друг, иако од различни причини.

    Сунак викендов јдојде на политичкиот фестивал организиран од партијата на Мелони. (Фото: АП)

    „На Сунак му треба клучен политички сојузник меѓу поголемите земји-членки во Европа. Тој се обиде со Франција, но братската дружба со Макрон навистина не функционираше“, вели еден дипломат на ЕУ кој сакаше да биде анонимен.

    На британскиот премиер не му успеа баш да се погоди и со германскиот канцелар Олаф Шолц од левичарскиот центар, кој произлегува од многу поинаква политичка традиција од Сунак. Блискиот однос со Шпанецот Педро Санчез е исто така отежнат поради долготрајниот спор околу Гибралтар. Но, италијанската лидерка беше пресреќена да го возврати дипломатското приближување на Сунак, со што му обезбеди клучен сојузник во Европскиот совет. И таа има свои причини за тоа.

    „Мелони треба да покаже дека е прифатена од големите лидери ширум светот“, рече истиот дипломат цитиран погоре.

    Благословот на Сунак има легитимизирачки ефект за лидерката која инаку би можела да биде избегнувана поради нејзиното политичко потекло, кое е далеку од европскиот мејнстрим. Мелони влезе во политиката преку неофашистичките младински движења и е забележано дека го пофалила диктаторот Бенито Мусолини како „добар политичар“, тврдејќи дека „сè што направил, правел за Италија“. Оттогаш таа прифати дека тој направил „грешки“, вклучително и наметнувањето закони за раса.

    Како лидерка на Браќата на Италија, партијата што ја основа во 2012, Мелони постави цврсто националистичка агенда, фокусирајќи се немилосрдно на имиграцијата и предупредувајќи дека Италија може да стане „европски бегалски камп“. И токму на миграцијата таа наоѓа најзаедничко место со Сунак. Во октомври, Мелони ги нападна италијанските судии затоа што ја блокираа нејзината влада да депортира луѓе во небезбедни земји, пресликувајќи ги битките на Сунак со британското правосудство околу неговата шема во Руанда. Минатиот месец Мелони потпиша договор за испраќање мигранти кои пристигнуваат во Италија за обработка во Албанија – пристап кој има некои сличности со шемата на Обединетото Кралство во Руанда. И двајцата имаат иста цел: „да го преместиме управувањето со имиграцијата надвор од нашите граници“.

    И двајцата се „први“ – Мелони е првата жена премиер на Италија, а Сунак е првиот британски азиски лидер во Велика Британија. (Фото: АП)

    Сличностите меѓу агендите на двајцата лидери не се нужно изненадување. Мелони е претседателка на Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), основана од ториевците како подесничарска алтернатива на Европската народна партија (ЕНП). Во Европскиот парламент „ториевците на некој начин ѝ се додворуваа на Мелони“, се сеќава еден долгогодишен помошник во Европскиот парламент. За време на изборната кампања во 2022, Мелони го наведе нејзиното раководство на ЕЦР во обид да ја отфрли загриженоста дека е премногу екстремна, експлицитно играјќи го фактот дека „ги споделува вредностите и искуствата со британските ториевци“. Таа и Сунак имаат и заеднички восхит од покојниот британски конзервативен филозоф Роџер Скротон, кој Мелони често го цитира и го смета за еден од „големите мајстори на европската конзервативна мисла“.

    Несомнено постои личен елемент во партнерството надвор од суровата политика: обајцата ја презедоа функцијата неколку дена еден по друг, имаат слични возрасти и двајцата имаат мали ќерки, за кои еден британски функционер рече дека им помогнале да се поврзат. И двајцата се „први“ – Мелони е првата жена премиер на Италија, а Сунак е првиот британски азиски лидер во Велика Британија.

    Анкетите, сепак, покажуваат дека Сунак и неговата влада се на излезна врата следната година. Значи, дали Мелони поддржува погрешен коњ? Лидерот на лабуристите Кир Стармер, според анкетите, централно-левичарскиот наследник на Сунак, сигурно би бил несоодветен за политичкиот фестивал на Мелони, каде досега се појавиле поранешниот советник на Доналд Трамп, Стив Банон и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

    Сепак, односот меѓу Италија и Обединетото Кралство најверојатно ќе остане од стратешко значење кој и да е на чело во која било од двете земји. Дипломатите го посочуваат назначувањето на Ед Левелин – поранешен шеф на кабинетот на британскиот премиер, кој во амбасадорските кругови се смета за тешкаш – за амбасадор на Велика Британија во Рим како знак дека земјата сериозно ја сфаќа Италија. Мелони и Левелин имаат силна врска, директно си пишуваат пораки на начин кој не е секогаш типичен за дипломатите и премиерите.

    Стратешки, Италија ќе остане транзитна земја за нерегуларните мигранти кои доаѓаат во Европа, дури иако идната британска влада го прекрши тврдокорниот пристап на Сунак за имиграцијата. Изолацијата на Обединетото Кралство од другите земји-членки на ЕУ, се разбира, во голема мера е проблем на самата Конзервативна партија уште од 2016. Наследникот на Сунак, ако е од друго политичко убедување, ќе може едноставно да има повеќе пријатели од кои може да избира.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира