Украинските сили на фронтот се соочуваат со недостиг на гранати и имаат ограничено некои свои борбени дејства поради намалувањето на странската помош, изјави генералот на украинската војска Олександр Тарнавски. Тој се огласи откако републиканците во Сенатот ја блокираа американската помош за Украина од над 60 милијарди долари, а потоа и Европската Унија не успеа да го усвои својот пакет на помош вреден 50 милијарди евра поради противењето на Унгарија.
„Имаме проблем со муницијата, особено со постсоветските гранати од 152 и 155 милиметри. Моментално, овој недостиг постои долж целата линија на фронтот. Она што го имаме денес не е доволно, имајќи ги предвид нашите потреби, па правиме редистрибуција. Одново ги планираме задачите што си ги имаме поставено и ги правиме да бидат помали“, изјави Тарнавски, заповедникот на оперативната група Таврија, која ги натера руските сили на повлекување од градот Херсон.
Овие коментари ја нагласуваат зависноста на Киев од западната воена помош, но Тарнавски вели дека и Русите имаат проблеми со муниција.
Тој призна дека украинските сили се во дефанзива на југоисточниот фронт во некои области, но се обидуваат да напаѓаат во други. Русија е во офанзива на истокот и веќе два месеца се обидува да го заземе градот Авдивка.
„Таму ситуацијата се менува секој ден и секоја ноќ и Русите имаа делумни успеси во некои области во длабочина од 1,5-2 километри. Верувам дека нашите линии се цврсти“, кажа Тарнавски.
Додека војната се ближи кон 22. месец, ниедна страна не успеа да оствари значајни територијални успеси оваа година.