Градоначалничката Данела Арсовска на интернет подкаст кажа дека за украсувањето на Скопје од 30.000 евра имало јавен повик. Но, ниту таа нити службите во Град Скопје не кажуваат каде е објавен повикот, кога е објавен и која е фирмата која е избраната.
За 30.000 евра за кои пред десетина дена на нејзината фејсбук страница објави дека ќе ги потроши за украсување на главниот град, Град Скопје нема распишано јавна набавка, ниту е спроведен тендер.
На веб страната на Град Скопје на која се објавени сите јавни повици врз основа на што се информира јавноста и оние кои сакаат да конкурираат, повик за новогодишно украсување нема.
Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК упорно проверуваше на веб-страната на Град Скопје во делот каде стојат јавни повици. Но, таму нема повик за украсување, ниту за организирање на новогодишен базар или новогодишна прослава. Објавени се јавни повици за член на партиципативно тело за урбанизам, за повластен јавен превоз за лица со посебни потреби, за лиценци за авто-такси превозници, за доделување финансиски средства за проекти од областа на спортот и младите и други.
САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања до градоначалничката Данела Арсовска и нејзиниот кабинет со барање да ни кажат кога е објавен јавниот повик и да ни го испратат. Но, одговор од Арсовска, како врпрочем што е практика цел нејзин двегодишен мандат, не добивме, ниту пак ни го испратија јавниот повик кој вели дека бил објавен.
Задолжената за односи со јавност Кристина Депо ни вети дека ќе види со службите па ќе ни јави, но, по телефонскиот разговор не ни испрати ниту одговор, ниту пак линк од објавата на јавниот повик на кој реферираше Арсовска на интернет подкаст, што подоцна беше пренесен од десетина други медиуми.
Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати и до Основното јавно обвинителство дали ќе поведат предмет по допрен глас за начинот на кој се потрошени буџетски пари без да се спроведе јавна набавка или јавен повик. Според член 40 од Законот за јавни набавки за набавкаа стока или избор на идејно решение во вредност над 1.000 евра без ДДВ, се распишува јавна набавка.
Од Обвинителството велат дека Финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава. Доколку Финансиската полиција не постапи, Обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки.
И да е новогодишното украсување подарок од општествено-одговорни фирми, како што велеше Арсовска за минатите две години, тоа треба јавно да се декларира, оти постои опасност од корупција ако тие фирми добиваат тендери од Градот во иднина. Освен тоа, и да е подарок, тој што решил да донира, треба да плати данок. Тој што решил да даде донација согласно Закон за донации и спонзорства треба да спроведе процедура за да добие решение од Министерство за правда за ослободување на данок односно донација од јавен интерес.
Години наназад Град Скопје објавувал тендер за новогодишно украсување на страната на Бирото за јавни набавки, а јавен повик за објавувало за организирање на новогодишна програма и тој се објавувал на веб-страната на Град Скопје. Оваа година ниту има објава на страната на Бирото за јавни набавки ниту на веб-страната на Град Скопје.
Арсовска не се појавува ниту во јавност да соопшти информации за новогодишната прослава за да можат новинарите да ја прашаат која е фирмата која го украсува Скопје и како е избрана таа. Арсовска гостува само на поткаст на еден портал, каде е редовен гостин. Останатите новинари не можат да ја добијат градоначалничката.
Таа не се појавува ни на седниците на Советот на Град Скопје, па прашања не можат да постават ниту советниците. Не одговаарат на прашања од новинарите ниту од нејзиниот пи-ар тим, па буквално никој не знае што работи Арсовска две години и како ги троши буџетските пари. Задачата на нејзиниот тим е да испраќа само соопштенија со деманти и закани за тужби.
А. АНТЕВСКА