Албанскиот парламент изгласа укинување на имунитетот на опозицискиот лидер Сали Бериша откако тој беше обвинет за корупција, одлука која може да доведе до негово апсење.
Седумдесет и деветгодишниот Бериша во октомври беше обвинет дека го искористил своето влијание додека беше премиер за да му помогне на својот зет во приватизацијата на државно земјиште. Бериша, кој ги негира обвинувањата, изјави дека денешното гласање во парламентот било незаконско и политички мотивирано. За укинувањето на имунитетот гласаа 75 пратеници од можни 140.
„Оваа одлука нема да успее да ја оствари својата цел да ја уништи опозицијата, туку само ќе ја мобилизира под мотото сега или никогаш“, изјави Бериша, кој сега се соочува со апсење или домашен притвор.
Пратениците кои го поддржуваат Бериша ја прекинаа седница со фрлање чадни бомби, додека стотици негови приврзаници се собраа пред парламентот.
Бериша беше претседател на Албанија од 1992 до 1997 и потоа служеше како премиер од 2005 до 2013. Тој се најде и на црната листа на САД поради корупција.