Хамас објави дека палестинските милитантни групи ја отфрлиле можноста за натамошно ослободување заложници додека Израел не ја прекине војната во Газа. Ова доаѓа додека во Египет се водат интензивни разговори за воведување ново примирје, со надеж дека ќе се ослободат уште заложници, чија бројка се проценува на 120.
„Донесена е палестинска национална одлука дека не би требало да има договори за размена на затвореници до сеопфатниот прекин на агресијата“, објави Хамас на Телеграм.
Нејасно е на кои фракции се однесува ова. Исламски џихад исто така држи заложници во Газа.
Првичните разговори за ново примирје, кои се водат во Каиро, не дале резултати, но Хамас најавил дека нема да се согласи на привремени прекини во борбите.
За време на шестдневното примирје на крајот на ноември беа ослободени 105 заложници, во замена за речиси тројно повеќе палестински затвореници.