ШТИПСКИОТ МУЗЕЈ ГО РЕАЛИЗИРАШЕ ПРОЕКТОТ ЗА ЦЕЛОСНА ЗАШТИТА И ОСВЕТЛУВАЊЕ НА АНТИЧКИОТ ЛОКАЛИТЕТ „БАРГАЛА“

    ШТИПСКИОТ МУЗЕЈ ГО РЕАЛИЗИРАШЕ ПРОЕКТОТ ЗА ЦЕЛОСНА ЗАШТИТА И ОСВЕТЛУВАЊЕ НА АНТИЧКИОТ ЛОКАЛИТЕТ „БАРГАЛА“Проектот е реализиран преку Центарот за развој на Источниот плански регион од каде се добиени 6 милиони денари за електрификација, оградување и поставување на туристичка сигнализација на локалитетот. (Фото: СДК.МК)

    Завод и Музеј Штип го заврши проектот за целосно осветлување на археолошкиот локалитет Баргала, едно од најзначајните археолошки наоѓалишта во Македонија кое потекнува од 415 година од нашата ера.

    „Целокупниот комплекс на ова значајно рановизантиско археолошко наоѓалиште во чија околина има и црковни објекти од поновото време е ограден и се поставени триесетина канделабри и посебни рефлектори за целосно осветлување на локалитетот. Баргала сега е подготвена за разни културни настани и во вечерните часови што значи овој антички град веќе е во функција 24 часа. Во Баргала, а посебно во неговиот антички амфитеатар сега можат да се одржуваат театарски претстави и секакви други културни настани и преку денот и навечер“, вели директорот Мите Штерјов.

    Проектот е реализиран преку Центарот за развој на Источниот плански регион од каде се добиени 6 милиони денари за електрификација, оградување и поставување на туристичка сигнализација на локалитетот. Средствата се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа, а со кофинансирање од 10 отсто учествува и Општина Карбинци на чија територија е археолошкиот локалитет.

    „Која мала општина како нашата може да се пофали дека има толку значаен археолошки локалитет па затоа сакаме од Баргала да направиме туристичка атракција. Како локална самоуправа веднаш прифативме кофинансирање и заедно со Музејот во Штип обезбедивме речиси сто илјади евра“, вели градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов.

    Името Баргала се споменува и на еден натпис од 371 година кој претставува спомен-плоча за подигање на градската порта. Плочата е најдена во месноста Ханче на левиот брег на реката Брегалница која дава податоци каде се наоѓал градот Баргала, а тоа е кај местото Долни Козјак кое било разурнато кон крајот на 4 век. Жителите подигнале нов град кај Козјачка река што е потврдено и со археолошки наоди. Во 5-6 век, овој град станал епископско седиште кој подоцна бил пак разурнат овој пат ово напади на Аварите, но повторно изграден и населен.

    Во поново време археолозите во Баргала откриле уште една базилика од ранохристијанскиот период која потекнува од шестиот век и сега локалитетот има вкупно три базилики. Откриена е и винарија со стари грнчарски (керамички) бочви во североисточнииот дел на ископините кои се во подножјето на планината Плачковица на 20-30 километри од Штип. Целиот комплекс со својата големина од неколку хектари и содржина која датира од 4. век претставува еден од најважните античко-историски локалитети во Македонија и пошироко.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира